Змејковски повика да се одбранат бастионите на ВМРО ДПМНЕ

 Борис Змeјковски- еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и прв генерален секретар на партијата, упати отворено писмо до членството и повика на ,,одбрана на бастионите на ВМРО ДПМНЕ“.

Еве го писмото во целост:

,,Почитувани граѓани на МАКЕДОНИЈА,

Почитувани граѓани на Бутел, Кисела Вода, Гази Баба и од сите општини каде има втор изборен круг,

Браќа и сестри членови на ВМРО- ДПМНЕ,
Македонија никогаш не се откажува, Македонија никогаш не се предава, Македонија никогаш не ја прекинува борбата. ВМРО- ДПМНЕ е темелот на НЕЗАВИСНА И САМОСТОЈНА МАКЕДОНИЈА и никогаш нема да се откаже и предаде во својата политичка борба. Животот носи успеси и победи, но и падови и тешки мигови, но никогаш не се прекинува ИДЕЈАТА. Дури и кога си соочен со неправди и опструкции, со кражба на избори, треба да се исправиш гордо и достоинствено и уште посилно да зачекориш напред, затоа што победите ги добиваат ИСТРАЈНИТЕ И УПОРНИТЕ, оние на кои МАКЕДОНИЈА ИМ Е ВОДИЛКА, оние на кои Бутел, Кисела вода и Гази Баба им се бастионите на ИДЕЈАТА на ВМРО.

Порачувам до сите, членови, симпатизери и граѓани кои си ја сакаат својата општина и својата татковина, да не очајуваат и да не паѓаат во духот. Борбата за бастионите на ВМРО-ДПМНЕ, бастионите каде што се брани Македонија не заврши, туку сега почнува. Се обидоа да не разединат, да не раскараат, да не депримираат, но НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА НЕ СКРШАТ. Обединети и силни ќе им покажеме дека умееме да понудиме програма, проекти, кадри, но и дека умееме да издржиме пред налетите. ИДЕЈАТА на ВМРО, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја покаже својата одлучност и големина токму во Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Штип, Виница, Градско, Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Долнени, Зрновци, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци Македонска Каменица, Македонски Брод, Брвеница, Могила, Новаци, Чешиново – Облешево….

ВМРО е идеја, нескршлива идеа која не обединувала како едно семејство. Затоа браќа и сестри да ги оставиме разликите и несогласувањата, да ги збиеме редовите и достоинствено да ги одбраниме своите бастиони. Ретки се моментите во животот кога ќе се рече дека човек има шанса, еве ја таа шанса, тоа се изборите на 29 -ти. Ако се пропушти, многу работи ќе бидат поинакви. Вашиот глас е и порака, порака за оние кои на сила дојдоа на власт, порака на оние кои потпишаа штетен договор со Бугарија, за оние кои името не им значи ништо и на оние кои наместо со проекти, главниот адут им е притисокот и полицијата. Порака дека апсолутната власт која сакаат да ја инсталираат во Македонија ќе значи дефинитивен крај на слободата во Македонија. Порака за тоа дека нема да успеете. Македонија е силна, Македонскиот народ е мудар.

ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од поединечните суети и тоа ќе не надживее сите. Затоа да оставиме пример на идните генерации членови на ВМРО дека и кога било тешко не сме се откажувале, сме станувале и на крајот сме победувале, бидејќи тој пример што ќе го дадеме сега ќе живеее со години и децении, ДЕКА СМЕ СЕ ОБЕДИНИЛЕ ВО ТЕШКИ МОМЕНТИ, ДЕКА СМЕ ЖИВЕЕЛЕ ЗА ИДЕЈАТА ДА НЕ ПОТКЛЕКНЕ И ДЕКА ВМРО- ДПМНЕ ПОБЕДИЛО ВО Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Штип, Виница, Градско, Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Долнени, Зрновци, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци Македонска Каменица, Македонски Брод, Брвеница, Могила, Новаци, Чешиново – Облешево…. Таа победа нема да биде само победа на кандидат за градоначалник на општината. Таа победа е победа на ВМРО-ДПМНЕ, таа победа била на народот, таа победа била за нашата ТАТКОВИНА – МАКЕДОНИЈА.“