Зошто и кој од МВР ја најави акцијата за апсење на криминална група поврзана со дрога?

Во досегашната пракса  и работење на Министерство за внатрешни работи не се случило тоа да ја најави сопствената акција за апсење на официјалниот сајт на министерството и 24 часа потоа да молчи:

,,Министерството за внатрешни работи спроведува оперативна акција за сузбивање на организирана криминална група која на национално ниво се занимавала со препродажба на различни видови наркотици. По завршување на акцијата јавноста ќе биде детално информирана.

Акцијата заврши вчера со спектакуларно носење пред камери  на уапсените во Кривичен суд на сослушување, но детали од МВР се уште нема.

Па се поставува едно логично и просто прашање-кому му требаше ова, иако одговорот, веројатно, многумина однапред го знаат.

Во меѓувреме, медиумите блиски до ВМРО ДПМНЕ ги објавија сите можни варијанти, претпоставки и инсинуации за апсењето  на неколкучлена организирана група поврзана со шверц на дрога, кои не им се достапни на останатите медиуми. Акцијата се спроведе  со спектакуларна најава дека се апси голема организирана група од Арачиново и не беше тешко да се претпостави дека таа(групата) или тој(уапсениот) ќе се доведат во некаква релација со Заев и СДСМ, кои нели победија на прламентарните избори во ова скопско село населено со Албанци.

Доколку ги анализирате објавите на медиумите блиски до ВМРО ДПМНЕ  може и да претпоставите што е крајната цел и во нивниот стил да ,,заклучите“ –Линкот меѓу Села и Заев од Арачиново, кој нели е брат на претседателот на ОО на СДСМ за Арачиново, и патем е уапсен за криминал со дрога, е еден од финансиерите на кампањата на СДСМ…..И така се доаѓа до главната поента и линк за целата монтирана приказна-Зврлевски и обвинителството кое го раководи, а кое неодамна отвори истрага за нелегално финансирање на изборната кампња на СДСМ. Ова секако е само претпоставка…

И секако ако ги следите и анализирате пошироко работите ќе видите дека ВМРО ДПМНЕ последните денови се префрла на нов фокус за ,,обработка“, а тоа е Зијадин Села, чие што лично и политичко портфолио очигледно полесно се вклопува во целата хаотична атмосфера на спинување и режирање криминално-подземни приказни околу СДСМ и посебно Заев.

Големата акција за апсење на организирана криминална група од Арачиново, според информации на Нетпрес заврши со приведување на едно лице од Арачиново со иницијали Е.З. и  тројца прилепчани со иницијали Ф.П., М.К. И В.В., едно лице од битола со иницијали И.Т., како и Н.Х. од Сингелич .

Секако и со фотографии објавени на медиуми блиски до ВМРО ДПМНЕ, на кои е наводно уапсениот Е.З. и се разбира Зоран Заев со него.

Не е првпат да се прави конструкција за поврзаност на Заев со лица уапсени за некаков криминал, како што беше тоа случај со Захир Бекири -Чауш.

Затоа, МВР треба да одговори зошто ја најави акцијата за апсење на организирана група поврзана со дрога и зошто и 24 часа потоа нема никакви официјални детали иако тоа беше најавено, а акцијата е завршена.

И секако, да одговори каква е поврзаноста на лидерот на СДСМ Зоран Заев со упасениот од фотографиите објавени на медиумите блиски до ВМРО ДПМНЕ, дали тоа што тој е е наводно сликан со него има некаква поврзаност со криминалното дело за кое се товари  и ако има што ќе преземе против Заев?

Емилија Лазаревска, АКО.мк