Зошто не се спречи ваков хаос за празникот? Ова е Дојран наутро(фото)

Граѓаните на Македонија, продолжениот празничен викенд се покажаа во целото свое ,,светло“.

Масовно придонесоа за развој на домашниот туризам низ државата и ги пополнија паричниците на хотелиерите и станодавците, како и секое парче чепната и нечепната природна убавина со смет, ѓубре и разни други гнасотии.

Социјалните мрежи се преполни со фотографии и видео материјали од избербатениот Охрид, Дојран, нивните плажи, Маврово, Матка и нивните планински масиви и убавини.

Се разбира, прекриени со ѓубре.

Ова е Дојран по бурниот викенд:

И ова е Дојран:

Ова е плажата кај Горица во Охрид:

Една канта за ѓубре на 100м поставена од друга канта.Ова ѓубре веројатно ќе поминат да го соберат утре сабајле.А до тогаш,ветрето ќе си ја “заврши”својата работа!Собрав колку можев од езеро и песок,а “газдата” на плажава си го собра прометот од сладоледот и лежалките и паркингот од 100денари,и си отиде.Горица 3та-каква што не била никогаш.

Posted by Saska K Dimitrovska on Sunday, August 2, 2020

Видеото и фотографиите се објавени на ФБ групата ,,Не биди ѓубре“, неформална граѓанска организација која веќе две-три години укажува на вандалското и нецивилизирано однесување на луѓето, неспособноста на институциите на системот да се справат со нив и да воспостават ред и поредок, но истовремено и чистат по развратните некултурни жители.

На волку апели, молби, барање, преколнување до државата, власта, владата, политичирите, државните институции да сторат нешто, нема ама баш никаква реакција.

И тоа не е од сега.

Со години не е исчистено на паркиралиштата крај регионалните и магистрални патишта. Автопатот од Србија до Грција е дива депонија. Секој паркинг, секој ендек, та дури просторот меѓу двата автопатни правци се преполни со ѓубре. Исто и од Скопје кон Охрид.

Направени се диви депонии. Никој не застанува таму да се одмори. Нема каде. Освен ако некој има само голема потреба, па ќе се олесни на тоа исто ѓубреште.

Хоророт директно го продуцира државата која не мрдна со мал прст да спроведе едукација и казнување на секој што ќе помисли да фрли макар едно парче хартија од гума за џвакање. Да не зборуваме за истурениот отпад донесен со возила и камиони на паркиралиштата. Ако застанете на некој од паркинзите преполни со ѓубре, заборавате на погледот кон селата под Вруток, а природна убавина е…

На паркинг кон Охрид

На плажа во Охрид

Охрид деновиве е Вухан во Македонија. Се спие по автомобили, на плажа. Сѐ е преполно. Чаршијата е како во кошница. Ретки се тие што почитуват некаков протокол.

Чудо е да видите некого са маска…

Уште почудно што речиси никој од возрасните, родители со деца, не носат заштитна маска. Неколкумина млади луѓе се единствените свесни во оваа калакурница.

За последиците по здравјето на луѓето, не од ѓубрето, на ѓубре сме отпорни, тоа е наш култ, туку од корона вирусот, ќе зборуваме за неколку дена.

Емилија Лазаревска(ако.мк)