,,Не постојат особени причини за промена на начинот на информирање на јавноста за нашите активности и отворените истраги. Она што е значајно е дека во смисла на начелото на транспарентно работење, јавноста е информирана за сите новини поврзани со работата на ова Јавно обвинителство”- e кусиот одговор од СЈО на нашето прашање зошто наместо вообичаената прес конференција последните два случаи ги објавија само со соопштение.

Јавноста или дел од неа, овојпат остана ускратена за визуелен, а новинарите и личен контакт за поставување прашања на обвинителките кои вообичаено ги држеа овие прес конференции и со својата сугестибилност битно влијаеа на перцепцијата за она што го зборуваат.

Неофицијално, извор во СЈО вели дека ова е можеби затоа што станува збор за изстражна постапка, а не за обвинение и можеби во иднина тоа ќе биде принципот на работа. Додаваат дека во овој период обвинителите имаат исклучително многу обврски.

Сепак, исто така може да се претпостави дека зад одлуката да се оди само со соопштение за два не помалку важни случаи од претходните, кои исто така беа во фаза на истрага, па дури потоа следуваа обвиненија за некои од нив, стои актуелниот политички момент и неизвесноста околу иднината на СЈО и продолжувањето на неговиот мандат.

 

Инаку, вчера Специјално јавно обвинителство објави дека постапувајќи во предмети оформени по службена должност по повод јавно објавени разговори, отвори две нови истражни постапки под работни наслови „Тарифа“ и „Тенк“.

Случајот ,,Тенк,, е поврзан со набавката на специјалниот мерцедес за потребите на поранешниот премиер Никола Груевски, а првоосомничена е поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкуловска. Вториот предмет,,Тарифа,, се однесува на извршена злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ, при што осомничените лица со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра.

Со наредбата за спроведување на истражната постапка во случајот „Тарифа“ опфатени се седум лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од КЗ.

Во конкретниот случај постои основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапка по јавна набавка на софвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ, при што осомничените лица со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра.Она што во конкретниот случај е од суштинско значење е дека од доказите произлегува дека набавениот систем во значителен дел не е имплементиран, иако до сега вкупно се исплатени околу 3.700.000 евра, а согласно Договорот за јавна набавка, системот требало да се имплементира до 11.02.2013 година.

АКО.мк