Зубин Мехта наскоро ќе се пензионира

Светски познатиот диригент индиецот Зубин Мехта најави дека планира во октомври 2017 година да замине во пензија по повеќе од 60 години активност на светските сцени.

Тој има 80 години, а уште во своите дваесети години почна да ги полни концертните сали низ светот.

Тој е Директор на Израелска филхармонија и на таа функција е избран доживотно.

Роден е во 1936 година во Бомбај, Индија, и не е случајно неговото животно определување за музиката. Потекнува од аристократско семејство каде што музиката претставувала секодневие. Тој ја напуштил својата земја рано за да студира музика на Виенската академија. Уште на 20-годишна возраст Мехта застанал зад пултот со реномираните Виенска и Берлинска филхармонија. Неговиот професор, ценетиот Ханс Сваровски, своевремено за него изјавил: „Голема фигура во историјата на музиката“.

Зубин Мехта е прогласен за доживотен диригент на Израелската филхармонија, оркестар формиран во 1936 година, кој поради многубројните светски турнеи често го нарекуваат најдобар амбасадор на Израел во светот. Покрај тоа, досега бил музички директор и на Симфонискиот оркестар во Монтреал, на Филхармонијата во Лос Анџелес, на Њујоршката филхармонија, Државната опера во Баварија, почесен диригент е на Минхенската филхармонија… Од 2005 година, заедно со маестро Лорин Мазел, е главен диригент во новата „Опера хаус“ во Валенсија. Листата на награди и почесни признанија на овој уметник е голема.

Мехта гостуваше во Македонија во 2007 година, а на денот на неговиот концерт во Скопје, му беше врачено признанието почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.