Иванов изолиран на Водно порачува дека не го дава мандатот

Пречките за определување мандат се` уште не се отстранети, велат од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, по повиците од СДСМ Иванов веднаш да го додели мандатот на Зоран Заев.

– Претседателот Иванов останува на ставот изнесен во обраќањето до граѓаните на Република Македонија на 1 март 2017 година. Пречките за определување мандат за состав на влада се уште не се отстранети, се вели во ставот од Кабинетот на претседателот на Република Македонија,пренесува државната новинска агенција МИА.

Во обраќањето на 1 март, претседателот Иванов од лидерот на СДСМ Зоран Заев побара јавно и јасно да ја отфрли и осуди тиранската платформа, со која, според шефот на државата, се доведуваат во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани.

Според претседателот Иванов платформата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава, земјата е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени.

– Сe додека сум претседател на Република Македонија, нема да дадам мандат ниту на човек, ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија. Бидејќи длабоко верувам дека ова се темелни вредности со кои никој нема право да тргува. И не мислам да отстапам од нив, изјави претседателот Иванов на 1 март.

Иванов е сокриен од јавноста откако ја имаше последната средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев кој му ги достави потписите за обезбедено мнозинство, по што претседателот на државата по службена должност само требаше да му го додели мандатот. Сега, тој не е достапен ниту на неговата официјална интернет страница, бидејќи таа е недостапна дваесетина дена.

Единствени со кои разменува мислење и кои го советуваат како да постапи, според неофицијални информации, се брачниот пар Филимена и Михајло Маневски, блиски пријатели на мајката на Груевски. Михајло Маневски во неколку наврати преку отворено писмо до Радмила Шекеринска, во кое остро ја нападна, а потоа и во изјави за медиуми, се противи на доделување мандат на СДСМ. Филимена Маневска беше и советник во кабинетот на Иванов, а според сите сознанија таа се уште е дел од тимот советници на Иванов.

АКО.мк