Иванов се фали дека ги скршил црните сценарија за дестабилизација на Македонија

Ѓорге Иванов како Претседател на РМ во своето Новогодишно обраќање од кабинетот на Водно, ги лоцираше причинителите на политичката криза во земјата. Според него, тоа се неодговорни политичари кои се обиделе да предизвикаат граѓанска војна заобиколивујаќи ги државните институции, потпалувачите на неговата канцеларија, странскиот фактор, НАТО и ЕУ и мигрантската криза.

Мојот став е повеќе од јасен. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во Годишното обраќање одржано денеска во неговиот кабинет.

– Се уште слушам како поедини лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и идентитетот на граѓаните. Тие лицитираат со државните интереси. Ќе ги потсетам дека Македонија во 1991 година се конституира како национална држава на македонскиот народ, во кој се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија, истакна претседателот.

Тој потенцираше дека со Охридскиот рамковен договор била отворена вратата за правична застапеност на граѓаните од сите, а не само за една заедница.

Недозволиво е, смета Иванов, некои лидери на парламентарни партии на преговарачка маса да ги ставаат државните интереси на Република Македонија, како што рече, спротивно на Уставот на Република Македонија.

– Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават. Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во нивните постизборни комбинаторики да разговараат или преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на Македонскиот народ. Бидејќи за државните интереси ниту се разговара, ниту се преговара, потенцираше македонскиот претседател.

Додаде дека никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентитет.

– Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа е слободата и независноста на Република Македонија. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава со мултуетничко, мултирелигиско и мултијазично општество, истакна Иванов.

Осврнувајќи се на изборите и постизборниот период претседателот уште еднаш им честита на граѓаните, истакнувајќи дека со распределбата на своите гласови тие всушност ги принудиле партиите да водат дијалог во институциите, но, не по цена на државните интереси.

– Граѓаните разбраа дека за да се излезе од кризата не е потребно надгласување, туку усогласување, не е потребно уценување, туку помирување, рече Иванов, додавајќи  дека граѓаните најодговорно си го исполниле својот дел од договорот наречен демократија.

Претседателот Иванов истакна дека со ова обраќање ја исполнува својата уставна обврска да информира за прашањата од негова надлежност и дека за обраќањето писмено ќе го извести Собранието на Република Македонија.

Годишното обраќање наместо во Собранието на Република Македонија беше од кабинетот на Иванов, бидејќи новиот собрански состав се уште не е конституиран

– Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање на реална статистика е пописот, истакна претседателот Иванов.

Според него, неодговорно е да се бараат права без да се преземат обврски.

– Им порачувам дека е неодговорно да се бараат права без да се превземаат обврски, точно онака како што е наведено во амандманот 4 од Уставот на Република Македонија, рече Иванов.

Тој истакна дека обврска и одговорност на секој граѓанин на Македонија, независно од етничката, верската, јазичната и идеолошката припадност е да се грижи за добробитта на оваа наша единствена заедничка татковина.

Последниот попис во Македонија, посочи Иванов, беше пред цели 14 години, оценувајќи дека тоа е предолг период за која било држава.

Иванов се правдаше за амнестијата на раководството на ВМРО ДПМНЕ, а за него СЈО е одмаздничка институција за прогон само на политичарите од оваа партија.

Одлуката, посочи тој, ја донел во ситуација кога Република Македонија веќе имаше прогласено кризна состојба, поради мигранската и бегалска криза, но и во момент кога, според него, Специјалното јавно обвинителство станало селективно и поларизирано и кое наместо инструмент за правда, се свело на инструмент за уцена на политичките противници.

– Сето ова што ни се случуваше неминовно водеше кон граѓански конфликт. Во такви сложени услови, како Претседател на Република Македонија бев единствената институција со легитимитет и овластувања да носи одлуки. И, наместо да бидам пасивен набљудувач на отворен судир, понудив решение за кризата. Понудив помирување преку помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза, рече претседателот Иванов.

Додаде дека еден ден кога ќе бидат декласифицирани сите документи, граѓаните ќе имаат целосен увид во состојбата поради која ја презел таа мерка.

– Но, ќе кажам само дека во состојба во која беше доведена во прашање иднината на државата, помилувањето беше единствениот мирен начин да се замрзнат непријателските намери меѓу спротивставените страни и да се избегне анархија, рече Иванов.

За таа моја одлука, додаде  Иванов, претрпев многу критики и обвинувања.

– Ме обвинуваа дека со одлуката за помилувањата сум ги прекршил Уставот и законите. Но, не само што со одлуката не ги прекршив Уставот и Законите, туку ги скршив црните сценарија насочени против Македонија. Ме обвинуваа дека сум го помилувал криминалот во Македонија. Но, помилувањата воопшто не вклучуваа запирање на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот. Ако некој крадел, ќе мора да го врати украденото и да плати за стореното. Владеењето на правото подразбира дека сите луѓе, почнувајќи од мене, независно од нивната етничка, религиска, политичка и социјална припадност, независно дали се на власт или во опозиција, се еднакви пред словото на законот. За такво владеење на правото се залагам. За тоа и го потпишав законот за формирање на СЈО. Бидејќи, без сузбивање на криминалот и корупцијата, не можеме да градиме иднина за Република Македонија, рече претседателот Иванов во годишното обраќање во Вилата Водно.

На крајот повика на помирување .

 

АКО.мк актуелно-објективно