Иванов со дрвја и камења по германската амбасадорка во РМ

Ѓорге Иванов во едно од вчерашните интервјуа на ТВ, остро ја  ја нападна германската амбасадорка во земјата Кристине Алтхаузер, обвинувајќи ја дека шири „лажни вести“. Иванов од позицијата Претседател на РМ, надвор од секаков дипломатски манир и ризикувајќи да предизвика влошување на односите со Германија,  оцени дека нивото на германската амбасадорка е „навреда за земјата“.

Повод за ваквата оценка на Иванов е  соопштението на официјален Берлин во кое се поздравува доделувањето на мандатот, но и се критикува Иванов поради тоа што дозволил да помине толку време пред да му го додели на парламентарното мнозинство.
Иако изјавата беше објавена директно од германското Министерство за надворешни работи, а не од германската амбасада во Скопје, Иванов рече:
„Треба да нѐ загрижи квалитетот на дел од дипломатите во Република Македонија. Амбасадорот на германското министерство се служеше со лажни вести, па Меркел мораше да се извинува за неточни информации кои ги добивала од нивната амбасада.
Апелирам до Германија дека вакво ниво на дипломати е навреда за нашата земја. Недозволиво е на лажни информации да темелат соопштение од германска амбасада. Како порано да го дадам мандатот? Со кршење на уставот?“, праша Иванов во интервјуто.