Иванов тврди дека Сорос со парите на американските граѓани му ја запалиле канцеларијата

Ѓорге Иванов тврди дека средства од американските државјани, од даночните обврзници на САД, се префрлани во фондацијата која го носи името на Сорос и се користеле дури и за насилни акции. Една од нив беше и палењето на Народната канцеларија. И без грижа на совест тие тврдат дека тоа било протест, односно начин на делување на таквите организации, изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервјуто за унгарската национална телевизија, одговарајќи на прашањето која е улогата на Сорос во Македонија.

Иванов додаде дека случаи поврзани со Сорос сега се отвораат и во американските институции.

– Ќе видиме какви ќе бидат резултатите, и од истрагите и од постапките и од отворањето на таа тема, вели претседателот во интервју за унгарската телевизија.

Иванов вели дека Република Македонија „е жртва на октроирано цивилно општество кое го октроираат странски цивилни фондации и кои ги креираат активностите на невладините актери“.

Иванов вели дека областа која ги опфаќа невладините организации е премногу либерална и дека на некој начин треба да се регулира.

– Да се знае кој дава пари, од каде доаѓаат тие пари, која е целта на тие големи милионски суми кои влегуваат без никој да ги контролира и едноставно да создаваат проблеми кои што не можат толку брзо да се совладаат – вели македонскиот претседател во интервјуто за унгарската телевизија,пренесува Плусинфо.