Иванов ќе се консултира со Уставен суд кому да го додели мандатот

Претседателот на РМ Ѓорге Иванов денеска ќе оствари средба со претседателот на Уставен суд Никола Ивановски, за да се консултира за доделувањето на мандатот откако пропадна шансата ВМРО ДПМНЕ и мандатарот Никола Груевски да состават Влада.

Ова следува откако претходно Собранието официјално го известија дека не е составено ново парламентарно мнозинстви и практично мандатот е вратен повторно кај Претседателот.

Вчера лидерот на СДСМ Зоран Заев побара Иванов веднаш да му го додели нему мандатот, како партија која има освоено најмногу пратенички места по ВМРО ДПМНЕ. Меѓутоа, провладините медиуми вршат притисок преку секојдневни изјави на професори или други т. н. аналитичари дека според Устав мандатот треба повторно да оди кај победничката партија односно кај Груевски.

Иванов вчера оствари средба со амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

– На средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во земјата, соопшти Кабинетот на претседателот.

Амбасадорот Жбогар, како што стои во соопштението, ги пренел ставовите на Европската Унија во врска со ова прашање.

Иванов му рекол на амбасадорот Жбогар  по добивањето на официјално известување од страна на Собранието на Република Македонија дека не е поднесена програма и предлог за состав на нова Влада, ќе започне консултации со надлежните институции и политичките партии. Првата средба е со Уставниот суд.

АКО.мк