Иво Санадер осуден на 4 и пол години затвор за примање провизија

Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер е осуден на 4 и пол години затвор, по 4 години судење за обвинение дека примил 17 милиони куни провизија за посредство при продажба на зграда -објект на поранешен пратеник на ХДЗ и сопственик на месарница, Стјепан Фиолиќ. Зградата ја купил министерот за земјоделство во владата на Санадер Петар Чобанковиќ за потребите на Министерство за регионален развој.

Иако на суд посредникот и продавач на објектото Фиолиќ признал дека во кутија за виршли му однел на Санадер дома 10 милиони куни и еден милион евра мито за направената услуга, тој од судот доби само една година затвор, која може да го замени со општествено корисна работа.

На иста затворска казна е осуден и сопственикот на фирмата ,,Инженериско биро“ , Младен Млинаревиќ, по чија зголемена проценка за вредноста на зградата државното министерство му исплатило пари за приватниот објект на пратеникот на ХДЗ-, кој се јавува и како еден од главните донатори во кампањите во времето на Санадер.

Ова е уште една првостепена пресуда во низата судски процеси што се водат против Санадер, но досега нема ниту една конечна и правосилна пресуда.

Иво Санадер се товари и за воено профитерство, како и за уште неколку други обвиненија главно за примање мити и провизија.