Игор Дурловски повторно дел од протестите пред Собрание, но преку разглас

Оперскиот пејач, Игор Дурловски, против кого се води судски процес за Терористичко загрозување на уставниот поредок и е дел од обвинението за поттикнување насилство во македонскиот Парламент на 27 април минатата година, повторно беше присутен на вечерашните протести во организација на ,,Бојкотирам“ со својата интерпретација на македонската химна.

Иако тој физички не беше таму, затоа што е во домашен притвор, од разгласот ечеше македонската химна во изведба на Дурловски.

,,Треба со закон да се усвои химната на Република Македонија во изведба на Игор Дурловски, да биде единствена официјална верзија на химната и да се пушта секогаш и насекаде, сега, секогаш и во вечни векови. Маестрално!“-пишува на ФБ Богдан Илиевски, кој исто така е дел од обвинетите за 27 април и е во домашен притвор.

,,Беше со нас и е во нас“-реагираше професорката Билјана Ванковска.

Вечерва се одржа протест пред Собрание во организација на ,,Бојкотирам“, предводени од Солза Грчева и Тодор Петров. На бината во свештеничка одора стоеше и отец Ивица.

„Не чекајте команда за акција, на секое место пружете отпор кон Владата. Овој режим од Муртино мора да падне. ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името и идентитетот“, истакна Петров.

Додека присутните извикуваа ,,Оставка“, на говорницата се бараше ,,апсана“ за ,,предавниците“.

Говорниците побараа американскиот амбасадор да се протера и да се прогласи за непожелна личност.