Избирачкиот список со фотографии од секој избирач

На избирачкиот список освен личните податоци за гласачите, ќе има и фотографии за полесна идентификација, како и за елиминирање на евентуални злоупотреби, информираа денеска од Државната изборна комисија. Ова е првпат гласачите да се идентификуваат и со фотографии покрај нивните имиња на списокот.

Личните фотографии се во формат како од личните карти или патните исправи на гласачите.

Државната изборна комисија ги повика сите вработени во администрацијата доколку имаат било каков притисок веднаш да пријават. Исто така членовите на изборните органи (општинските изборни комисии и избирачките одбори) потребно е да се воздржуваат од било каква партиска активност се до завршување на изборниот процес. Ова е забрането и со закон и за вакви престапи предвидени се казни.

„Во оваа прилика, ги повикуваме сите вработени во државната и јавната администрација во текот на работното време да се воздржуваат од партиски активности, и воедно ги охрабруваме да не се плашат од евентуалните притисоци кои можат да доаѓаат од нивните претпоставени и истите да ги пријават“, беше кажано на прес конференцијата.

„Апелираме и до сите гласачи да не подлегнуваат на провокации на лица кои евентуално пружаат поткуп, а кои на ваков начин сакаат да го злоупотребуваат правото на слободно, независно и демократско гласање. Сите гласачи на кои во која било фаза од изборниот процес им е повредено личното избирачко право, можат да поднесат приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа по сторената повреда. ДИК е должна по секој приговор од гласачите да донесе одлука во рок од 4 часа по приемот“, велат во ДИК.

За денот на гласањето досега ДИК има издадено акредитации на 3623 домашни набљудувачи, 521 меѓународен набљудувач, 146 преведувачи и 30 странски новинари.