Изборниот молк одбележан со обиди за поткуп, говор на омраза и делење рекламен материјал

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ нотираше преку 20 пријави на кршење на изборниот молк.

Вчерашниот ден многумина партиски активисти го искористија со последни сили да обезбедат доволно гласачи за своите кандидати за градоначалници и носители на листи.

Од друга страна, може да се забележи дека полицијата беше достапна и доволно мобилна  за навремено реагирање на пријавите на граѓанките и граѓаните.

Нашите набљудувачи од теренот информираа дека црната кампања не застана ниту за момент.

Летоци, флаери, брошури беа доставени пред врата на граѓаните во Аеродром, Ново Село, Матејче, Отља.. партиски знамиња и отворени штабови… лепење плакати сите со говор на омраза против опонентите.

Не изостанаа  ниту заканите и вербалното насилство.

Директор на основно училиште се заканил на вработени дека ќе ги избрка од работа, доколку не излезат на гласаат. Случајот е пријавен во полиција.

А, за тоа колку беа ажурни партиските активисти, можеше да се сведочи не само преку нивните фејсбук профили, туку и преку ноќните екскурзии за поткуп на гласачи.

За потсетување, таков случај имаше во Ресен, за што ЦИВИЛ Медиа информираше вчера, за 4.500 денари во ромско маало. Полицијата реагирала на време.

Сличен случај е нотиран од набљудувачите во Карпош вчеравечер, каде партиски активисти со списоци на лица, за кои се претпоставува дека се неопределни, одредувале како и со колку да ги поткупат за да гласаат за одреден кандидат.

Многу кандидати го искористија молкот на другите за тие да повикуваат за кого гласачкото тело треба да гласа.

Нецензурираната аудио снимка од телефонскиот разговор, и за која партија се работи ЦИВИЛ ќе ја објави денеска по 19 часот, на која е глас на кандидат на изборите кој дава упатства за гласање.

Но, можеби најголемата забелешка се однесува на Избирачките одбори во однос на гласањето на болни и изнемоштени лица, како и во затворите.

Пример, во едно избирачко место при пребројувањето се појавиле две гласачки ливчиња со ист сериски број.

На гласач, со уредно барање до Државната изборна комисија за гласање во домашни услови и прифатено од нивна страна, никој не се појавил до 19:00 вчеравечер. По јавување во ДИК, им било ветено дека некој ќе помине по 20:00 часот. Се разбира тоа не се случило.

Според изворите на ЦИВИЛ, избирачкиот список бил непотполн при гласањето во затворите. Имено, голем број на затвореници со исправни лични карти не го остварија свето право на глас поради отсутво од Избирачкиот список.

Изборниот молк очигледно не подразбира прекин на градежните работи во повеќе општини во Македонија,  ако ништо друго, општините можат да се оправдаат со обезбедување пристап до избирачките места.