Избувна голем пожар во најголемата рафинерија за нафта во Саудијска Арабија

Голем пожар избувна во најголемата рафинерија за нафта во Саудијска Арабија, пренесува Ројтерс.

Комплексот за рафинирање на нафта е во сопственост на саудијската нафтена компанија Арамко и се наоѓа во близина на источниот град Абкаик. Произведува значителен дел од извозот на нафта во земјата .

Пламенот избувна рано утрово. Според портпаролот на Министерството за внатрешни работи во Ријад, пожарот бил предизвикан од напад со беспилотни летала. Локалните власти велат дека пожарот, кој зафатил два од објектите, веќе е локализиран.

Според арапските медиуми, цитирани од „Асошиејтед прес“, на огнот му претходела експлозија, а на телевизиските снимки се слушнало пукање.

Тензиите во регионот ескалираа од нападите во јуни и јули на нафтените танкери во водите на Заливот, за што Ријад и Вашингтон го обвинуваат Иран. Техеран ги негира обвинувањата. Востаниците на Јемен, поддржани од Иран, извршија и неколку напади со беспилотни летала преку границата на нафтениот терен „Шаиба“.