За Меѓународниот ден на сексуалните работници – 2 јуни, годинава од  ,,Стар Стар“ подготвија изложба со скопските дами на ноќта, со која сакаат да укжат да се почитуваат нивните права како сексуални работници.

Еве како течеше снимањето на овие фотографии:

,, Стар Стар“ оваа година овој ден ќе го одбележи со „Две од оние“- изложба на фотографии со дамите на ноќта, на авторките Лилка Стрезоска, Елена Фидановска, Анита Березњак и Ирена Мила.  Изложбата ќе започне од 21 часот во „Акантус“ и ќе завршиме со сетот на драгата диџејка Соња Исмаил, во атмосферата на стар „Океан“.

Меѓународниот ден на сексуалните работници се одбележува на 2 јуни секоја година. Овој ден се смета за симболичен, како раѓање на движењето на правата на сексуалните работници.

Во седумдесеттите години од минатиот век, француската полиција вршела постојан притисок врз сексуалните работници. Честите полициски акции ги принудиле да работат во голема тајност. Како резултат на тоа, заштитата на сексуалните работници речиси целосно се намалила, доведувајќи до зголемен број случаи на насилство врз нив.

Откако се случиле две убиства и по одбивањето на француската влада да преземе соодветни мерки за подобрување на ситуацијата, стотина сексуални работнички на 2 јуни 1975 ја запоседнале црквата Сен Низиер во Лион, за да го привлечат вниманието спрема нехуманите услови во коишто работеле. Сексуалните работнички пееле политички ангажирани песни и побарале пристојни услови за работа и крај на стигматизацијата.

Изненадувачки, протестот стигнал до насловните страници на весниците, а сексуалните работнички добиле поддршка од локалното население кое им носело вода и облека. По осум дена полицијата ја растерала толпата што протестирала. Овој настан претставува почетна точка на меѓународното движење на сексуалните работници кои се залагаат за своите права.