Имињата на новите министри се чуваат во најголема тајност

Во недела премиерот Заев ќе го достави предлогот за реконструкција на Владата до Собрание.

Како што изјави тој, на крајот на оваа недела списокот со имињата ќе биде предаден во Собрание.

Од СДСМ и од Владата за Фокус велат дека Заев во строга тајност ги држи одлуките во однос на кадровските решенија дури и од свои блиски соработници.

-Одлуките се донесени и во недела попладне ќе ги доставам до Собранието материјалите за сите промени што ќе се случат во Владата – изјави вчера Заев.

Извесно е дека ќе има нови министри за екологија, земјоделство и култура, како и во новото министерство за политички систем за кое вееќе се спомнува старо-новиот и вечен кадар на ДУИ, Садула Дураки.

За него има најголемо негодување, бидејќи тој е на функција како кадар на ДУИ веќе 20 години, но на ниту едно место каде бил поставен не покажал видливи резултати.

Јавноста е посебно иритирана од неговата пасивна улога како министер за екологија. Згора на сѐ , тој е министер кој најмногу троши на репрезентација и јадење по ресторани.

Во некои медиуми излезе името на новиот министер за култура, предложен од Беса.

Наводно се работи за Хисни Исмаили, лекар по професија, што предизвика вчудовиденост во јавноста, која се прашува како може лекар да води Министерство за култура.

Паралелно со промената на некои министри, ќе има промени во јавни претпријатија и во вториот владин ешалон.

Пратениците треба да гласаат за новата реконструирана влада на Заев во текот на идната недела.