Им се допаѓало или не на бугарските лингвисти-македонскиот јазик е жив и постои

Им се допаѓало тоа или не на бугарските лингвисти едно, сигурно, треба да знаат и да не забораваат: Македонскиот јазик е жив и постои. И ќе постои се додека постои последниот негов говорител.

Ако не знаеле (а знаат), еве, јас ќе им го претставам нашиот јазик: „Македонскиот јазик е јазик кој по своето генеалошко потекло му припаѓа на големото семејство словенски јазици, во подгрупата на јужнословенските. Поради неговото опкружување со несловенските грчки и албански, како и поради влијанието што нашиот јазик го претрпел од супстратните јазици коишто се зборувале на Балканот пред доаѓањето на Словените, македонскиот јазик денеска во стручните лингвистички кругови е познат како словенски јазик со балканска граматика и типолошки гледано е „најбалкански“ во Балканскиот јазичен сојуз. Поради историските околности и поделбата на областа Македонија на три дела по Балканските војни во 1913 г. и потпаѓањето под туѓи пропаганди, Македонците ја завршиле кодификацијата и нормирањето на својот јазик – дури во 20. век, поточно по завршувањето на Втората светска војна.
Ако погледнеме наназад низ вековите, токму македонските говори на трите села околу Солун: Сухо, Висока и Зарова, ја дале основата за првиот општ книжевен јазик за сите Словени – старословенскиот. Старословенскиот е јазикот на кој светите Кирил и Методиј ги превеле од грчки црковните книги за да може полесно да се шири христијанството меѓу словенскиот свет.

Во подоцнежниот период од историскиот развој на македонскиот јазик на македонска почва се одвива богата скрипторска дејност преку две средновековни писарски школи, познати во научниот свет како Охридска и Кратовско-Лесновска книжевна школа. Таа скрипторска дејност е, речиси, замрена со потпаѓањето на Македонија под османлискa власт, но не и сосема уништена. За тоа ни се сведоштво текстовите настанати во 16. и 17. век (Тиквешки зборник, Крнински дамаскин) на македонска почва, во кои се застапени голем број црти од народниот јазик, сè со цел, овие текстови со религиозна содржина да му бидат поблиски на народот со што, пак, од друга страна, тие се одвојуваат од онаа средновековна матрица зацртана од културните дејци, како св. Кирил, св. Методиј, св. Климент и св. Наум, како главни фигури во нашиот ран среден век.

Во 19. век, кога во европски рамки романтизмот е во својот процут, во Македонија допрва се јавуваат првите рационалисти и просветители преку ликот и делото на Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски. Втората половина на 19. век е време на преродба и национално будење, и тогаш од Македонија изникнуваат значајни книжевни имиња како: Константин и Димитар Миладинови, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Ѓоргија Пулевски и др. Нашиот источен сосед ни го присвојува целиот 19. век и вели дека сите наши дејци од тоа време се Бугари. Вистината е дека во услови на немање држава и немање стандардизиран јазик, македонскиот обичен човек својата идентификација ја остварувал преку црквата. Со оглед на тоа што во тоа време македонската Охридска архиепископија е укината, Македонецот најчесто се идентификувал како припадник на Бугарската егзархија или на Грчката патријаршија.

Некаде во почетокот на 20. век излегува мала, но мошне значајна книшка од нашиот патрон Крсте Мисирков, во која станува збор за посебноста на македонскиот народ и за посебноста на македонскиот јазик. Половина век подоцна заживува идејата на Мисирков за тоа што треба да биде основата на македонскиот литературен јазик. Тоа се говорите на етничка централна Македонија кои се лоцирани на потегот Велес-Прилеп-Битола- Охрид.

Македонскиот јазик денес се изучува на сите нивоа од образовниот систем во Р. Македонија и има своја примена во сите области на современото и културно живеење. Кажано со јазикот на лингвистите – македонскиот јазик ги има развиено сите функционални стилови (научен, административен, уметнички, публицистички, разговорен) што ги има секој друг современ стандарден јазик во светот. Тоа што нормата успеала многу бргу да се стабилизира (без наметнати посебни укази и декрети), само по себе говори за природноста на нашиот јазик, иако од оние со големи апетити за Македонија нашиот јазик е квалификуван како вештачки. Дека тоа не е така најдобро потврдуваат огромниот број страници убава литература напишани на македонски, големиот број весници, огромниот број научни трудови напишани за македонскиот и на македонски јазик.“ (извадок од мојата белешка „Писмо до Европа“, објавена овде, по бришењето на македонскиот јазик во Европската Унија во 2011 година).

д-р Елка Јачева-Улчар, Научен соработник во Институт за македонски јазик ,,Крсте Мисирков“