ИНТЕРВЈУ: Проф. д-р Рефик Шеќибовиќ-неопходна е Комора за заштита на академските слободи

Проф. д-р Рефик Шеќибовиќ е основач на Високата школа за туризам и менаџмент-Коњиц и е редовен професор на Универзитетот Херцеговина. Магистрирал и докторирал на Природно-математичкиот факултет во Белград. Од 1986 до 2006 год. работел на Економскиот факултет во Белград, каде ги стекнал научните звања доцент и вонреден професор. Бил помошник на Министерот за образование во Владата на Србија од 2001 до 2004 год.

Верувајќи во алтернативата во образованието со група соработници ја отворил Белградската отворена школа (БОС) во 1993 година, денес една од најголемите алтернативни школи на Балканот. Како прв директор на БОС ги поставил темелите на кои и денес се развива оваа школа.

Има објавено повеќе трудови (книги, презентации и статии) од областа на образованието, географијата, туризмот. Најпознати монографии му се: Тврдина на ловците во матно(2009), За одумирање на Универзитетот, Тврдина на здодевноста(2016).

Неговата идеја за формирање на регинална Комора за одбрана на академската заедница и нејзините слободи и права на Балканот која , според него, е во незавидна позиција, предизвика голем интерес на Болоња форумот, одржан на почетокот на ноември минатата година во Црна Гора. Идејата е таа да делува издвоено од Универзитетите и факултетите, како самостојна и независна канцеларија. Со проф.д-р Шеќибовиќ разговаравме за местото и улогата на академската заедница во општествените текови во земјите од балканските простори, тајкунизацијата, како што тој го нарекува , уривањето на квалитетот и авторитетот на високообразовните институции, армијата партиски послушници произведени на приватните универзитети, како и до каде е процесот на формирање на овие канцеларии.

1. Професоре Шеќибовиќ, дали навистина е толку лошо во академската заедница, овде на Балканот, и што го урна квалитетот и дигнитетот на оваа важна професија?

Проф. Шеќибовиќ: Првин да ви се заблагодарам што ме повикавте да говорам за академската заедница и воопшто за високото образование. Во последно време (посебно по излегување на мојата книга ,, Тврдина на здодевноста”) медиумите во Босна и херцеговина избегнуваат да ги објавуваат моите предупредувања за драматичната ситуација. Имам чувство дека сака да се прикаже дека е тоа некој глобален тренд, за што не вреди да се расправа. Меѓутоа, нашиот балкански простор има сериозни разлики во однос на другите региони во светот. Прво, академската заедница на Балкан е во тотален хаос без никаква идеја да се среди состојбата. Дополнително, што сега се чувствува голема разлика меѓу овој и претходните периоди (социјалистичкиот и периодот по распаѓањето на СФРЈ) кога системот на високото образование беше затворен во државни рамки. Отворањето на системот и воведувањето на елементи на академски капитализам, низ Болоњскиот процес, академската заедница не само што го пречека неподготвена , туку и без доволно знаење за новата позиција во која се најде.

Во меѓувреме, политичарите со леснотија ги дискредитираа нејзините основни и стандардни постулати, и од академска, направија конфликтна и неспособна заедница. Денес младите и нивните родители не веруваат веќе во квалитет и компетентност на системот, како и во способноста на академската заедница. Од друга страна, глобализацијата го направи своето, така што миграцијата и конкуренцијата на пазарот во голема мера го раслоија и образованието. Светските текови ни носат нови неволји во образованието, а тоа е популистичката политика на капиталистичките кругови, која ги занемарува научните методи и потребата за вложување во системот на високото образование (тоа секако е поврзано со BREXIT и со американските избори). Се плашам дека овие нови неволји уште повеќе ќе ја уништи академската заедница на Балканот.

2.Колку сето ова им оди на рака на тајкуните и на политичарите?

-Проф.д-р Шеќибовиќ: Тајкунизацијата и криминализацијата на високото образование е политичка игра на создавање на паралелни општествени системи. Ова веќе го имаше во Јужна Америка во осумдесетите години од минатиот век.

Таа ќе се развива се додека има притисок од странските Универзитети на овие подрачја, а започна со отворањето на интернационалните одделенија во Белград. Тајкунизацијата во најголема мера се темели на потребите на политичките партии да остварат две основни идеи-финансирање на политичките партии и формирање на база на своите кадровски потенцијали, кои на лесен начин ќе дојдат до дипломи, по што подготвено ќе покријат одредени функции во општеството. Тоа е типичен пример на создавање паралелни заедници (латино-американски модел) кој доби потполна поддршка и идентична форма во Србија, Македонија и во Босна и Херцеговина. Творец на тој модел е режимот на Милошевиќ, кој уште во почетокот на деведесетите од минатиот век направи паралелен систем на приватни училишта и факултети, а се гледа дека во тоа го следеле и други политичари во регионот. Денес тие ги контролираат поголемиот дел приватни образовни институции и бидејќи се на власт ги инсталираат во државните институции. Србија е всушност на тој начин поделена меѓу неколку паралелни заедници кои се судираат на изборите.

Паралелниот систем во образованието својата активност ја темели на политичката моќ, која како последица на нивното делување е уништувањето на државниот систем. Сето тоа наоѓа подлога во корумпираните министерства и неспособните експерти. Паралелните заедници наметнуваат нови правила (во здравството, медиумите, судството и т.н.) и секогаш се трудат да создадат слика дека за се е виновен некој друг, дури прават се да ги маргинализираат сите вредности.
Паралелните заедници имаат заедничка карактеристика-политичка подобност која вообичаено е потпомогната финансиски од новопечените богаташи, кои пак на тој начин ги стекнуваат сите привилегии без никаков проблем. Затоа тие ја дискередитираат академската заедница и форсираат (некои дури и ги финансираат) разни афери во високото образование, како би го довеле државниот систем во позиција сам да се уништува. Тоа моментално се случува во Босна и Херцеговина

3.Како дојде до тајкунизација на високото образование?

-Проф.д-р Шеќибовиќ: Тајкунизацијата започна со отворање на приватните факултети и универзитети, односно со појавата на вулгарниот академски капитализам. Лошата законска регулатива и недостигот на квалитетни стратегиски планови и решенија им овозможија на тајкуните без проблем по пат на корупција да ги наметнат своите институции како мерка на општествениот прогрес. Затоа тие и развиваат систем на прифаќање на послаби ученици кои не се во можност да завршат на државните универзитети, продавајќи им ги дипломите ги уфрлаат политичарите во своите системи и институции. Тој кадар потоа се регрутира во политичките партии и едноставно го потиснува квалитетниот кадар, кој потоа бега во странство.Така добиваме општество на некомпетентни, кои својата работа ја засноваат на препишување на европски документи и нивно неспроведување. Добиваме паралелен свет на млади необразовани луѓе, чија единствена цел е со импровизација и медиумска манипулација да се стекнат со добра позиција и богатство. Ова ги уништува генерациите што доаѓаат, бидејќи се вулгаризираат стандардите на знаење , што пак доведува до заостанување на целото општество и на крај исчезнување на компетентната академска заедница.

4.Колку на ова му кумуваа политичарите?

-Проф.д-р Шеќибовиќ: Нашата колешка Маријана Шеќибовиќ на Регионалниот Болоња форум што се одржа неодамна во Улцин, запраша еден политичар од Б и Х, кој присуствуваше, дали ним им одговараат необразовани луѓе. По кусо време тој го потврди тоа. Тоа е тој модел преку кој се владееше во осумдесетите години на минатиот век во Јужна Америка. Необразованите гласаат за политичките елити и за нивните деца кои се школувале во странство. А сето тоа го подржува, па ајде да кажеме, образован партиски кадар (кои претходно завршиле кај оние тајкуни за кои зборувавме на почетокот) кои се претвориле во меѓувреме во управувачки апарат способен за сите манипулации и развој на корупцијата.

Политичарите прават своја заедница. Затоа и имаме ситуација кога се репродуцираат афери со политичките кадри кои имаат дипломи и титули, но не се во состојба да одговорат на проблемите кои постојат во општеството. Македонија, Србија и Босна и Херцеговина се со сигурност шампиони во производство на таков кадар.
Нивна втора политичка задача во високото образование е пацифизирање на државните универзитети и нивна целосна маргинализација.

Политичарите свесно го уриваат системот на државните универзитети ставајќи на нивно чело подобни раководители, кои немаат намера да ги придвижат професорите и студентите, туку спротивното- ќе ги убедуваат дека никогаш нема да биде подобро од сега.Политички подобните кадри се всушност тие што произведуваат афери на државните факултети. Ќе биде интересно во иднина да се истражи кој стои зад големите афери во Србија (афера Индекс, Плагијат и други) или аферите во образованието во Хрватска.

5.Зошто академската заедница го дозволи ова, дали е се во парите?

-Проф.д-р Шеќибовиќ: Академската заедница е разбиена институционално, законски маргинализирана, одземена и е силата, компетенциите да располага со парите и со тоа можноста да направи сериозен исчекор. Прво, колегите не се подготвени сериозно да ја променат законската регулатива, а тоа сеакако е поважно од борбата за пари (сетете се на протестите во Македонија предизвикани од измени на Законот за високо образование, кои беа исклучително против предлогот, но не да се предложи нешто и да се преземе чекор во друга насока. Многу од тоа е во парите, но не се, во прашање е инерција на системот која ги форсира затворените високошколски установи со самоуправен систен на избор. Кој пак е повторно вулгаризиран, бидејќи корумпираните кадри ги уценуваат и компромитираат сериозните професори(такви примери имаше многу во Македонија и Србија) кои се обидуваа да ги исфрлат од системот. Затоа, единствено решение да му се застане на пат на ова е академската заедница да се организира надвор од институциите преку академски комори и да се спротистават на тајкунизацијата и на паралелните системи, се разбира и на полтиката.

6.Како сето ова се одразува на образованието?

-Проф.д-р шеќибовиќ: Едноставно, квалитетот се изгуби така што во реформите на болоњскиот процес се форсираше формата пред суштината. На Балканот никогаш не се применувани сите алатки соодветно (на пример компетенции, мерење на резултатите, мобилност и сл.). Професорите сметаа дека кога ќе ги направат курикулумите и ќе ги прилагодат законите на себеси, реформите ќе завршат, а тие ќе продолжат да работат како порано. А потоа се соочија со се повисоки критериуми што ги бараше меѓународниот фактор , а постојаните промени на тој план тотално ги збуни инертните академски заедници.

И тогаш се направени најголемите промашувања, академската заедница не создаде кадар кој ќе ги следи меѓународните текови. Се случија големи проблеми и грешки во спроведување на Болоња процесот. Акредитацијата на високообразовните установи е сведена на формалност, во која најдобро се снаоѓаат новопечените богаташи кои едноставно ги корумпраат таквите агенции и комисии и на крајот добиваат најдобри оцени и излегуваат како најквалитетни Универзитети или факултети. Мерење на квалитет во високото образование нема без мерење на компетентноста и резултатие, а сето тоа не е ниту на повидок во нашето високо образование. Она што уште повеќе загрижува што нема ниту професори, ниту стручњаци кои сериозно се занимаваат со овие проблеми.

7.Што може да ги врати силата и авторитетот, секако и квалитетот на професорската дејност?

-Проф. д-р Шеќибовиќ: Професорите треба да имаат многу повеќе слобода, тоа треба да биде слободна професија, односно да имаат многу поголеми права во однос на сопствениоците на Универзитетите и на државниот апарат. Тие права треба да се остваруваат преку слобода во наставата и можноста да кажат што мислат за општествениот поредок или за неговиот напредок. Авторитетот на професорската професија се мери според тоа колку се тие партнери на државата, студентите и сопствениците. Квалитетот на образованието треба да зависи само од нивната работа, но во општествено одговорен систем. Затоа тие треба да имаат своја комора, која ќе се занимава со издавање лиценци за настава и со одбрана на акдемските слободи. Кога тоа ќе го воспоставиме ќе може да зборуваме за квалитет на образованието. Воедно, за да се развие модерниот систем на образование мора да се донесат три основни закони: Закон за основите на системот на високото образование, Закон за универзитетска комора и Закон за квалитет на образованието.

8.Дали кај академската заедница има поддршка идејата за основање на канцеларија или комора за одбрана на академските слободи?

-Проф.д-р Шеќибовиќ: Во пошироката академска заедница нема, но ние во рамки на нашето научно друштво (Flexible Invisible College) заговараме отворање на канцеларија која треба да биде дел од системот за одбрана на академските слободи и права. Она што ме загрижува е инертноста на европските институции, кои засега не помагаат дури ни декларативно. Отворањето на канцеларијата е процес кој сигурно ќе доведе до прегрупирање во академската заедница и уривање на системот на корумпирани институции. Ние отворено ќе ги нападнеме корупцијата и затвореноста на системот.

9.До каде е оваа идеја и каде ќе ќе бидат отворени првите канцеларии?

-Проф.д-р Шеќибовиќ: Ние очекуваме дека првите 4 канцеларии ќе биодат отворени во Сараево, Белград, Скопје и Тирана. Се зависи од средствата што треба да ги добиеме. Очекувам од одредени европски кругови да се постават одговорно кон процесот на јакнење на академската заедница, затоа што тоа е и во нивен интерес. Без силна академска заедница нема ниту спроведување на европски стандарди во образованието. Погледнете какви се состојбите во Романија, Хрватска, па делумно и Словенија, каде заради некомпетентен и недоволен кадар имаат проблем со воспоставување на иновативни европски практики. Исто така, се надевам дека ќе успееме да обезбедиме квалитетен менаџер кој ќе направи продор на овој план преку воспоставување канцеларии во регионот. Ние професорите треба да се концентрираме на правење законски решенија и стратегија на одбрана на слободата на академската заедница. Исто така, се надевам дека до крајот на оваа година ќе се изработи акцискиот план за промоција на канцелариите за одбрана на акдемските слободи, а тие ќе започнат со работа во април годинава.

Емилија Лазаревска