Четири меѓународни награди во десет дена освои хит-филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески. Со последните признанија, статистиката околу дебитантската драма и црна комедија на Ставрески вели дека досега учествувал на 18 интернационални светски фестивали. Од светската премиера во ноември филмот има седум награди, од кои четири се за најдобар филм и три се специјални признанија.

За само четири месеци „Исцелител“ помина како тајфун низ фестивалите и успеа да ја освои и публиката и критиката. Го фалат критичарите, го сака публиката. Само во Македонија го имаат видено околу 12.000 гледачи, а надвор допрва треба да се прави статистика. Малкумина веруваат дека станува збор за дебитантски филм, зашто пред „Исцелител“ Ставревски има направено само три краткометражни. Во овој филм тој е режисер, сценарист и продуцент.

Фестивалските претставувања не престануваат, туку се нижат едноподруго. Досега филмот учествуваше и освои награда на Солунскиот филмски фестивал, каде што ја доживеа светската премиера, на „Синемамед“ од Брисел, Санта Барбара во САД, Софискиот филмски фестивал, „Франкофилм“ во Рим, на „Бергамо филм митинг“ во Италија и „Обањ филм фест“ во Франција.

„Исцелител“ се прикажува во редовна дистрибуција на Ејч-би-о и „Синемакс“ во 14 земји во централна и во југоисточна Европа, а во кино досега играше само во Македонија.

Режисерот Ставрески открива дека снимањето на првиот долгометражен игран филм му бил многу стресен период, зашто требале дури три години филмот да стигне до киносалите. Филмот содржи хумор и тага, критиката на македонското општество, особено на здравствениот систем.

„Исцелител“ е прва македонско-грчка копродукција. Улогите ги толкуваат: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет и многу други.

 

Линк:Астрорум