Инфантилни самозадоволувачи со одложено дејство

Пишува: проф. д-р Катерина Тодороска

                Едно време, време кога бевме студенти на Катедрата по историја при Филозфскиот факултет во Скопје учевме многу, читавме многу и сѐ во служба на нашето наоружување со знаење. Постоеше „борба“ меѓу нас кој подобро ќе се подготви за вежбите, кои беа вистинска дебата по одредена тема. Но, сето тоа беше сесрдно помагано од нашите професори и асистенти.

                Секако, имаше и дружење, како со колегите од групата, коегите од другите катедри, ама и со професорите и асистентите. Тогаш не чувствувавме завист кон оние кои добиле подобра оценка од нас. Напротив, сите се обидувавме да го стигнеме нивото на најдобрите. И тоа успеваше.

                Во нашата генерација имавме колеги од цела  Македонија, како и од Косово, од Црна Гора, од Србија. И никому никој не пречеше, никој никого не ги гледаше како „различен“ од нас.

                Со оглед на фактот што бевме многу студенти на Филозофскиот факултет,а просторните можности во предавалните беа лимитирани, часови се држеа и претпладне и попладне.

                Ние, како историчари, имавме две „наши“ предавални, од кои едната беше мала и се уште се наоѓа спроти библиотеката на историја. Катедрата на професорот беше поставена кај прозорите, а клупите спроти неа.

                Кога имавме часови во вечерните часови, надвор во дворот на факултетот, од време на време се појавуваше еден стокмен човек, кој „самоуживаше“ во глетката на студентите. Откако разбравме дека тоа се случува и на колегите од пониските години, решивме да му кажеме на професорот Полјански, бидејќи тоа најчесто се случуваше во времето кога имавме часови со него. Откако нѐ ислуша, нѐ прекори што порано не сме му кажале, но ни кажа и дека во животот ќе се сретнеме со многу инфантилни самозадоволувачи со одложено дејство и, секако дека тој нема да дозволи ова да се повтори.

                И навистина. Никогаш повеќе инфантилниот самозадоволувач со одложено дејство не го видовме. Меѓутоа, таа квалификација нѝ остана како изрека која често ја користевме.

                Поминаа неколку месеци, а ние, борците за знаење, разбравме дека не биле залудни нашите напори да се научи максимум што може.

                Бевме пријатно изненадени кога на еден од часовите нѝ беше речено дека Универзитетот Кирил и Методиј од Скопје имал долгогодишен договор за размена на студенти во Универзитетот во Воронеж. Тогаш разбравме дека и 10 мина, најдобри од нас, ќе одат на едномесечен студиски престој во СССР. Секако, радоста беше голема. Имавме сатисфакција за вложениот труд.

                И така, пред еден од часовите во малата предавална, колегата од Црна Гора, кој не беше на списокот се жалеше што нема да запознае некоја колешка од Русија, оти биле многу убави. Одговорот, секако на смеа, беше дека судбина му била да си остане инфантилен самозадовувач со одложено дејство.

                Од немајкаде се зададе професорот Полјански, кој во тоа време веќе беше избран за Ректор на УКИМ, се насмеа и ни рече дека таа забелешка не може да важи за млад човек. Објасни дека тоа е карактеристика на луѓе кои својот живот го „згрешиле“ во младоста па после одложено време дејствуваат во согласност со својата потреба. Патем, рече Полјански, постојат и такви кои цел живот го поминале како по пат подмачкан со мед, ама доаѓа време кога ниту нивното име ниту нивното мислење не се „цени како кога биле во медот“, па на секој начин се обидуваат повторно да бидат „во игра“. Според Полјански, таквите се најопасни, како за себе така и за околината. Дури и за државата. Тоа го објасни со нивниот ментален склоп бил научен на постојано задоволство од кажаното или сработеното, бидејќи такво било нивното долгогодишно искуство во општествениот живот.

                Тогаш, веројатно никој од нас, не ја разбра поентата која ја имаше објаснувањето на нашиот професор и пријател.

                Многу години после студентските денови, во услови кога многу делчиња од животниот мозаик се пред нас, а совремието незапирливо нѝ ги сервира човековите вредности, јасно ги гледаме поентите од кажаното од нашиот професот. Денес, сѐ почесто гледаме и читаме „текстови“ во кои јасно се насликуваат самите себеси сите оние кои со години го „газеле“ медот кој им овозможувал да се натфрлаат со „мудрости“.

Денес, бескрајно се разлеа потребата за „акција“ на инфантилните самозадоволувачи со одложено дејство и тоа од видот на најопасните, и по себе и по државата.

(Катерина Тодороска е професор и научен соработник во ИНИ, основач на партијата Демократи)