Историски факти за Осми Март-Меѓународен ден на жената

На 8-ми март 1857 година во Њујорк стапиле во штрајк работничките на фабрика за текстил, барајќи подобри услови за работа за жените. На исто место и ист ден, но 51 година потоа, повторно дошло до штрајк на жените. Работничките биле затворени во фабриката, каде потоа избил пожар во кој изгореле 129 жени. Во сеќавање на овој ден  и настан, една година подоцна во Њујорк за првпат е одбележан Осми Март како ден на жената.

Во 1910 година во Копенхаген, договорено е да се прогласи овој ден како Меѓународен ден на борба на жените за нивните права. Но, тогаш за меѓународен ден е прогласен 19-ти , а не 8-ми Март. Имено, тогаш Германија, Австрија, Данска, Австрија И Америка побарале право на глас на избори.

Во Германија под водство на Клара Цеткин во 1912 година излегле милиони луѓе на протест. Во Франција жените побарале право на глас, но и право да бидат бирани, па на ова се надоврзале жените во други европски земји, и конечно во 1913 година им се приклучиле и жените од Русија.

Во 1918 година во Германија жените првпат добиваат право на глас, како и да бидат бирани.

Две години порано , 1916 година, во Русија жените во една текстилна фабрика во Санкт Петербург на осми март стапиле во штрајк, исто како жените во Америка. На меѓународна конференција во 1921 година во Москва одлучено е Осми Март да се прогласи за Меѓународен ден на жената. На овој ден целата јавност се подсеќа на тешката борба на жените за свои права, како што се осумчасовно работно време, изедначување на платите на мажи и жени за исти работни места, породилно боледување, право на глас и т.н.

Во многу земји во светот Осми Март се одбележува со протести, исто како и Први Мај-меѓународниот ден на трудот.