Истражување: 110 од вкупно 120 пратеници користат Фејсбук

 

 

110 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Република Македонија користат Facebook, покажа најново истражување спроведено во период 22-29.03.2017 година.

Споредено со 2009 година кога за прв пат е правено слично истражување, процентот на пратеници кои го користат социјалниот медиум Фејсбук се зголемил за 60%, односно пораснал од 35 на 110 пратеници.

Повеќе од 60 пратеници секојдневно или неколку пати неделно објавуваат содржини на својот Фејсбук профил или страница, а останатите тоа го прават повремено или, пак, само за време на предизборни кампањи. Само 12 пратеници имаат верификувани страници, со што и Фејсбук потврдува дека таа страница е на автентична личност.

Забележливо е дека актуелните/поранешните кандидати или носители на високи јавни функции почесто користат официјални Фејсбук страници или комбинирано користење на Фејсбук профил и страници.

„Очигледно е дека пратениците ја препознаа потребата од нивно присуство на социјалните медиуми. Сега е важно да се фокусираат на квалитетот на присуството, односно нивна директна комуникација со граѓаните и вклучување на граѓаните во процесот на носењето на одлуки од страна на законодавната власт“, вели Бојан Кордалов, специјалист за нови медиуми, кој е и автор на ова истражување.

Како дел од препораките до законодавната власт и пратениците во истражувањето се предлага Собранието на Република Македонија на својата веб страница, во делот наменет за секој пратеник да додаде контакт од нивниот Фејсбук профил/страница, но и други социјални медиуми. На овој начин, смета Кордалов, граѓаните ќе можат директно да се обратат до секој пратеник, дадат иницијатива, предложат одреден правен акт, постават прашање на кое ќе добијат одговор и ќе воспостават двонасочна комуникација.

Понатаму, се препорачува пратениците јасно да ги означат своите официјални профили, страници и канали на социјалните медиуми, а секој пратеник да има свој посебен тим кој ќе се грижи за ажурирањето на содржините на социјалните медиуми, вклучувањето на граѓаните преку социјалните медиуми во работата на Собранието на Република Македонија, како и водењето грижа за брзо и квалитетно одговарање на поставените прашања, коментари и сугестии.

„Динамиката на објави е потребно да биде секојдневна, а пратениците заедно со своите тимови мора да се грижат за објавување на поголем процент оригинални објави, наместо само споделување на линкови од текстови, статии и видеа од своите јавни настапи или едноставно споделување на партиските содржини кои се веќе објавени на партиската Фејсбук страница“, препорачува Кордалов.

Ова се пратениците за кои не се пронајдени податоци дека користат ФБ:

Мирсада Емини-Асани, Фадил Зендели, Теута Биљали, Крсто Јовановски, Јусуф Хасани, Бранко Манојлоски, Ѓулумсер Касапи, Ирена Стефоска и Курто Дудуш.

АКО.мк