Италијанските медиуми објавија видео од камерите во домот на Орце Камчев. Регистрирано е броењето на парите, торбата во која се ставени , излегувањето од домот на Камчев, тој дури ги испраќа на врата Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец, кој пак му ја носи скапата торба на Боки 13 полна со пари.

Исто така, снимен е и разговор во кој Бојан Јовановски му кажува на Камчев дека Катица, како што вели, нема да употреби вонредни правни мерки и дека ќе биде укинат притворот.

Италијанскиот весник La Verità утрово го објави видеото во кое е пуштен и дел од разговорот меѓу Орце Камчев и Боки 13, на кое Боки му објаснува на Камчев дека понеделник, најдоцна вторник ќе биде ослободен.

Еве го тој разговор:

-Бојан 13: Во понеделник ќе ве ослободат…
-Орце: Добро
-Бојан 13: Вторник најкасно веројатно.Врховен ќе ве ослободи.
-Орце: Врховен, не може да дојде до врховен до понеделник
-Боки 13: Да, тогаш ќе дојде. Нема да употреби СЈО вонредни правни лекови, нема ништо да употреби…
-Орце: А Апелација?!
-Боки 13: Па Апелација ќе ве одбие. Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни.

– Женско лице: Да ние ќе се жалиме… во Врховен ќе се жалим, а Врховен се повикува…

-Боки 13: Врховен се жалите, како втор степен. Начелното правно лице и советот се повикува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го продужува, да го одолговлекува, понеделник вторник вие сте на слобода…

-Женско лице: Дообро…

Нејасно е како ова видео стасало до италијанските медиуми, дали Орце Камчев го предал истото видео и во ЈО , дали сега ќе може да се употреби како доказ и така натаму…

(разговорот е снимен во домот на Јордан Камчев во време кога тој издржуваше мерка куќен притвор).