Итарпејовци

од проф.д-р Катерина Тодороска

Деновиве сме бомбардирани од збирштина на непотребни, банални, комични, жалнопојливи песнички со политички ноти. Ми се бега од кожинкава, ама немам каде. И си го мислам муабетот со мојата посилна половина, оној, кога ми го објаснуваше гестот на Ванхојте. Зборот е збор. И можеби имаше, а можеби немаше право. Сепак, муабетот ми се врти во глава и би сакала да го споделам со вас.

Претпоставувам сите ја знаете приказната за магичната флејта. Ако не, еве многу накусо.

Еднаш во едно далечно време, во Холандија си постоел еден мал град изграден покрај река, неговите жители се занимавале со замјоделство и трговија, а нивните амбари биле преполни со жито. Ама имале еден голем проблем: градот лека полека се наполнил со глувци кои го јаделе житото и шетале по домовите. За да го реши проблемот, градоначалникот распишал награда од илјада форинти за оној кој ќе го ослободи градот од глувци. Се појавил еден човек со флејта во раце, кој се претставил како музички маѓепсник. После договорот со градоначалникот, маѓепсникот засвирил со флејтата, а по нејзиниот звук исползеле сите глувци наредени еден до еден како војска. Музичарот ги однел до реката каде сите глувци се удавиле. Народот бил многу радосен што се спасил од глувците, ама одбиле да ги платат ветените илјада форинти за толку мала работа. На тоа меѓепсникот се заканил дека ако не си го одржат зборот, ќе им се одмазди. Но, парите не му ги дале. Следното утро маѓепсникот се вратил во градот на празникот Св. Јован кога сите возрасни биле во црква. Засвирил прекрасна мелодија од која сите деца во селото се собрале, едно по едно како војска и се упатиле по маѓепсникот кој ги извадил од градот кон планината. Таму се отворила една врата во која влегле сите деца, освен едно. Домовите биле празни, градот бил празен, а градоначалникот и жителите бескрајно жалеле и се каеле што не го одржале дадениот збор.

Е оваа и вакви приказни, им се раскажуваат на децата од Холандија. Веројатно вакви приказни каде зборот е збор ги слушаат децата од север, а за неодржување на зборот казната е голема, тешка и болна. Тоа придонело тие, северните да научат од деца дека зборот е збор.

Затоа пак, ние, јужниве, имаме Итар Пејо. Тој пак, како народен јунак ги подмамувал неговите соселани да се соблечат, да ги остават алиштата на брегот од реката и да влезат внатре за да јадат рибја чорба. А тој требало да ги чува. Ако некој се удавел, работите оделе кај Пејота. Или, Пејо им кажувал на соселаните оти маглата е волна, па ги куражел да скокаат во бездната за да соберат што е можно повеќе волна. А нивните работи, пак ги собирал Пејо.

Е вакви приказни им раскажуваме ние на нашите деца, дури Пејо го имаме и во лектири. И што не учат овие приказни. Дека измамникот печали.

Тогаш зошто се чудиме кој колку украл, зел, измамил?

Тоа почитувани мои се вика традиција.

На север, традиција е зборот е збор. Нам традицијата ни кажува поголем измамник, поголема добивка. И секако, главен си.

Можеби некои деца пред 20-тина години многу студиозно го читале Итар Пејо кај чичко Марко Цепенко, па затоа денес се бориме да ги научиме она што одамна требало да го научат. Дека зборот е збор, а лагата и лесната печалба на туѓ грб е порок.

Кај нив сме згрешиле и за поправен испит можеби е предоцна, но заслужува да се обидеме следниве генерации да немаат измамници за идоли.

——————————————————————————————————————-