Уште еден грандиозен објект ќе никне во пренатрупаното централно градско подрачје на Скопје.

Познатата зграда во која беше сместено ,,Беко“, како што ја викаа жители на Скопје кои ја паметат култната стоковна куќа, е урната за да се изгради на нејзино место поголема и ,,поубава“.

Всушност тука ќе никне комерцијален објект на 6 ката плус приземје.

Уривањето на ,,Беко“, ги вознемири скопјани заради унишувањето на уште еден убав спомен од  минатото, но и станарите на околните згради кои велат дека живеат под невиден стрес , а нивните домови буквално се тресат како да се случува постојан земјотрес додека се кршат дебелите и цврсти ѕидови на ова здание од социјалистичка Македонија.

Бе-ко (београдска конфекција), беше единствена стоковна куќа во Скопје, покрај Нама, и тука буквално цела Македонија доаѓаше за викенд да пазари.

Пазарувањата во БЕКО беа доживувања.

Во транзицијата, овој објект беше отуѓен и падна во рацете на Борис Стојменов .

Нема детални објаснувања кој го гради новиот комерцијален објект, а од општина Центар излегоа со кусо објаснување дека објектот се урива заради проблеми со конструкцијата.

Новата комерцијална зграда е зацртана во ДУП на оваа општина.