И весниците ги убиваат, зарем не?

Во Македонија најлесно умираат весниците. Има систем во тоа. Оние нации што допуштаат весниците лесно да им умираат се доказ за ниската или ништовната традиционална, па и национална култура .

И мене ужасно ме боли што “Утрински”, мојот омилен македонски весник еве умира од политичка асфиксија на еден режим во претсмртна агонија, како со удар во глава од лигав рептилски опаш. Дури е интересно дека во претстојното прпелкање на режимската бестија, аждерот не ги поштеди ни тератоптериксчињата квачени и испилени од неговите сопствени медиски кукавичји јајца. Не му се потребни веќе изданијата на строго контролираниот конзорциум, и затоа, ете, сите ќе одат јабана. Тоа е добра поука за најзапалените новинарски пера, дека во фаустовските приказни нема хепиенди. Ѓаволот на крајот од претставата, доаѓа по сите. Нема благодарност ниту за поданиците бидејќи таков е злодухот на груевизмот/мијалковизмот.

Но, ова не е еднократен феномен. Во македонскава 26-годишна транзиција, и порано весниците умираа со лесна смрт. Сега режимски. Тогаш шизички (“шизик”, кај недокваканите нации и медиумски култури, е оној тип што иде на морален и на културен ризик). Така, најнапред оваа држава допушти да умре “Млад борец”, не само првиот весник на слободна Македонија покренат на АСНОМ и првиот печатен во Прохор Пчински, туку и весникот на новата плурална демократија. Потоа и “Нова Македонија”, првиот дневен весник на македонски, гласилото кое сите толку многу го сакавме… Умреа и други весници традиционални и нови творби на т.н. НИП. Умреа речиси сите списанија. Издавачки куќи. Умреа цели новинарски домени, беа убивани редакции за култура и уметност…

Смртта на онаа “Нова Македонија” би била рамна на згаснувањето на “Политика” во Србија, “Дело” во Словенија, “Вјесник” во Хрватска… Во тие балкански земји тоа не допуштаат да им се случи. И таму се идеолошки поделени и политички закарани. Само кај нас беше допуштено згаснувањето на национални брендови. Само кај нас зашто само ние и имаме фелер со чувањето на старите вредности. Не дека сме многу млада нација и култура. Дека сме многу поткупливи. На чело со политичките и државните лидери и со газдите на кои им беше наложено да ги купат медиумите. Не како информативни, како пропагандни вредности.

И кои (медиуми) ги продаваат или ги гаснат, лесно, преку ноќ кога ќе добијат сигнал дури и само миг за тоа. На ѓутуре: на кило, на кубик, на галон, дури и џабе, на луфт-балон… И што останува потоа? Остануваат само новинарите. Оние што искреираа цели бреднови кои ете со движење на рептилскиот опаш ги ништат и ги бришат. Остануваат журналистите, секој со својот специфичен авторски габарит, но и со новата незавидна колективна судбина. Новите наемници на криминално збогатените бизнисменковци од елитите на левиот Ојле и на овој уште погрозоморен, десен Дојле. Оние што создаваа брендови респективни како сите спомнати и кои останаа само со еден сон: невработени со лажниот сон за слободното новинарство.

Па сепак, еве и јас верувам во подобри околности и во нови вредности. Затоа навивам за моите колеги пред се’ од “Утрински весник” кој беше добриот дел и на старата “Нова Македонија”, и за сонот што никогаш нема да умре дури и во вакви мали, валкани земји кајшто апашите и примитивците што изигруваат нови елити прво го раскусуваат новинарскиот цехот, занает, едновремено со тоа и секоја шанса за Слобода.

Томислав Османли

(Романот на Османли ,,Двесет и првиот“ е добитник на наградата Роман на годината на Утрински весник во 2009 г.)