И јас сум Ирена Ристиќ

Колку треба да си невоспитан и дрзок идиот да плукаш на плочник и тоа во момент кога поминуваш покрај некого?! Ги гледам, лабаво си шеткаат или трчаат и патем некој плука, друг го празни носот, нормално не во шамивче, постојат хартиени и се измислени по Втората светска војна, трет ждере нешто и хартијата си ја фрла на земја, без око да им трепне.

Јас не знам како ја немате таа свест дека вашите плуканки ги газите и вие и ние. Со чевлите го внесуваме тоа дома, децата си играат, оние помалите паѓаат трчајќи, на други топките и другите играчки им паѓаат на земја, ги земаат потоа со рачињата, па можеби јаде со истите раце или ќе се допре по лицето, устата, носот…Попластично не знам како да ви објаснам.

А ова што се случува со создавањето ѓубре и диви депонии насекаде низ Македонија, јас не можам да го разберам. Ваква ниска свест на култура немало ни пред нашата ера. Да сум власт, досега ќе ја преорав Македонија, ќе направев револуција во умот на невоспитаната маса, ќе покренев институции, невладини, граѓански активисти, ќе направев кампањи на билборди, со флаери, по медиуми, од куќа во куќа ќе одев да им кажам дека се прости и дека не смеат да фрлаат ѓубре каде ќе им текне. Се разбира, претходно ќе ги создадев сите предуслови за нормално одложување , собирање и депонирање на сметот. И спроведување на казнената политика.

Потоа, патем, ќе им кажев на тие што не знаат, дека треба да одржуваат редовна хигиена, да се бањаат секојдневно, да внимаваат како се однесуваат на јавни места, да не уринираат каде ќе им текне и на крајот, ако не разберат дека ќе добијат дебели казни. Да, ќе ги сменев законите кои ги регулираат областите од екологија и казнена политика, по скратена постапка и со европско знаменце.

Ова ви е бесплатен совет, за повеќе, цена во инбокс.

Мрднете, не бидете ѓубре!

(ФБ статус)

П.С. Ирена Ристиќ ве поздравува секој божји ден!

Нема друго, сите да се придружиме и да го кренеме гласот против оваа страшна еколошка ситуација во која се наоѓаме. Не може неколку активисти да го чистат ѓубрето и на простата маса и на институциите. Општа мобилизација е потребна. Ако треба и протести. Вака веќе не оди. 0 толеранција за ѓубре, невоспитани луѓе и неспособни институции.

АКО.мк