Кабранов: Точно е дека телефонски ме малтретираа во името на Боки, но тоа се случуваше и во негово присуство

Орце Камчев, сведок на обвинителството денеска за време на своето сведочење во судот за процесот ,,Рекет“, обелодени дека наводно Боки 13 ги злоупотребувал и политичарите и новинарите.

– ,,Боки 13 на интерфон ги злоупотребуваше и политичарите и новинарите. Го слушав како го малтретираше господинот Кабранов на телефон, му се јавуваше со мутиран глас, па после глумеше дека го спасил“ – рече Камчев, додавајќи дека на одредени новинари од 1ТВ им давал насоки што да прават.

По ова, новинарот Ацо Кабранов, кој беше главен и одговорен уредник во 1ТВ на Бојан Јовановски, се огласи на Фејсбук и го потврди малтретирањето. Но, тој пишува дека малтретирањео продолжило во присуство на Бојан Јовановски, кој , според него, и самиот бил предмет на телефонски закани.

„Утрово неколку новинари ми се јавија да ми пренесат дека Камчев во сведочењето посочил дека Боки и Сергеј со мутирани гласови ми се јавувале и ми се заканувале. Во интерес на вистината, неколку месеци имав такви јавувања од непознат човек кој се претставуваше дека е од некакво истражно биро од Канада. Тој ми го издиктира матичниот број и мојата лична адреса и ми рече дека сум жртва на сајбер криминал. Јавувањата траеја неколку месеци и преку ден и во ноќните часови и секогаш беа како да ме бара Боки од неговиот број. Истото му се случуваше и на Боки, му покажуваше како јас да го барам. Многу пати телефонот на Боки стоеше пред него на маса, а мене ми ѕвонеше мојот телефон и се појавуваше неговиот број и секогаш беше истиот човек со истата приказна.

Јас единствено се вознемирив што го знае мојот матичен број и мојата сметка во банка, плашејќи се да не ме задолжи некој. Пријавив во банката каде што имам сметка, а потоа и во МВР. Таму кај директорот на БЈБ бев со Боки, бидејќи и на него му се случуваше истото. Признавам, се вознемирив кога одејќи по скалите кон канцеларијата на БЈБ ми заѕвони телефонот и пак тој господинот со опомена дека не е добро што пријавувам во полиција. Директорот на сајбер криминал во МВР не сослуша и рече ќе провери и ќе се јави.

Утредента ме извести дека од мобилните оператори добил инфо дека постоеле некакви апликации кои се купувале евтино, чинам рече од Србија, и така малтертирале луѓе и дека се немоќни да заштитат од тоа.

Јавувањата продолжија со истата приказна и дека е спремен да дојде да ми пренел некакви информации за што се работи. Секогаш го одбивав грубо, дури и му се дерев да престане да малтертира. Јавувањата продолжија и по притворувањето на Боки, последниот повик го примив пред десетина дена. Сега сум тотално збунка, не ми е јасно како стасало инфото и до сведокот Камчев. Не сум бил цел на закани, но бев вознемирен да не биде злоупотребена мојата банкарска сметка некој да ме задолжи па да морам да враќам. Сега ми е јасно дека се било фарса, од кој не знам, но сум бил како Алиса во земјата на чудата. Тоа е вистината“, пишува Ацо Кабранов на Фејсбук.

.