Кавадаречките иселеници празниците во родните места ги поминаа без капка вода

Си дојдовме од Италија, петти ден вода нема. Очи не можеме да си измиеме што се вели. Вака денеска раскажува Трајче Симонов од кавадаречкото село Возарци, кој 23 години со сопругата живее и работи во странство.

– „Без вода човек за никаде не е. Не може јадење да се приготви, да се исперат алиштата, тоалетот не функционира, не можат да се обавуваат домашните потреби. А надвор студено, снег и мраз насекаде”, вели тој.

Кога заминале во Италија биле незадоволни од тоа што овде не можеле да најдат работа, но и сега после 23 години според него, некои работи воопшто не се промениле на добро.

-„За разлика од овде, таму и при најмал дефект и прекин на водоснабдувањето или електричната енергија, луѓето јавно се информирани за дефектот и за времето што е неопходно за да биде отстранет. А проблемите се решаваат најбрзо што може”, .

Вакво нешто да се случи во Италија тоа би било рамно на катастрофа, нагласи Симонов. Членот во месната заедница Возарци Игор Димитров ни кажа дека само три куќи во селото кои се од десната страна, имале вода.

-“Водата е најверојатно пуштена, но изгледа е замрзната кај бензинската пумпа. Таму има една цевка околу десет метри на отворено, може да е таму проблемот. Ако е таму проблемот, тој дел од цевката или треба да се одмрзне или да се смени”, рече Димитров.

Екипите се на терен, одговори Марјан Прескакулев, раководител на организационата единица за водовод и канализација при Јавното претпријатие “Комуналец” од Кавадарци, кога го прашавме кој е ставот на претпријатието, во врска со реакциите на жители од кавадаречкото село Возарци и росоманско Трстеник. Без вода се околу 1.300 жители. Во меѓувреме, едни полнат вода од бунари, некои купуваат флаширана вода, а други патуваат и по 7 до 15 километри до Росоман или Кавадарци, за да наполнат вода од кај свои блиски.

Билјана Н.Тошевски