Кавадарчани немаат податоци за квалитетот на воздухот

Електронската станица кој го мери квалитетот на воздухот во Кавадарци не е во функција. На андроид апликацијата се покажува известување дека „мерната станица од министерството не враќа моментални податоци“.

Со ова се поставува и прашањето дали годинава кавадарчани ќе останат без информации за тоа колку е загаден воздухот во нивниот град. Минатата година долг период жителите на Кавадарци дишеа загаден воздух со ПМ10 честички над дозволеното, што покажуваа и мерењата.

Тогаш првите луѓе на општината,изјавуваа дека податоците за енормно загаденост не биле точни, оти во близина на станицата имало раздвиженост од возила и камиони, што резултирало со повисока загаденост, додека пак воздухот на поголема одалеченост од неа и не бил толку загаден .

По постојаните реакции на граѓаните за загадувањето во нивниот град, градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов тогаш изјавуваше дека планираат да ја сменат локацијата на мерната станица во Кавадарциа , за што ќе побараат и дозвола од министерството за животна средина и просторно планирање.

Од Еколошкото друштво Еко живот во Кавадарци ни рекоа дека секоја година се повторува истата слика, а нивните бројни предлози до општината за дислокација на мерната станица не наишле на одговор.Тие стравуваат дека оваа година загаденоста на воздухот ќе биде уште поголема, со оглед на тоа дека ќе се пече ракија повеќе од вообичаено, бидејќи грозјето остана непродадено, а тука се и издувните гасови од возилата, разните начини на затоплување на просториите како и камионите особено оние кои превезуваат руда за компамнијата „Фени Индустри“.

Инаку,честичките ПM10 се состојат од смог и прашина од фабриките, патиштата и од градежните зафати. Додека, пак, честичките ПМ2.5 потекнуваат од токсични материјали и тешки метали. Како последица од овие два вида на честички кај граѓаните се јавува кашлица, астма, оштетување на белите дробови и дишнитe патишта, рак, но и прерана смрт кај поединци кои страдаат од болести на срце или заболувања на белите дробови.

Загадениот воздух, полн со сулфурдиоксид,суспендирани честички, јаглероден моноксид, како и тешки метали предизвикува и голем број болести, регистрирани токму кај жителите на урбаните средини. Според податоците од Светската здравствена организација, урбаното загадување на воздухот е директна причина за повеќе од 2 милиони предвремени смртни случаи во светот.

Билјана Н. Тошевски