Кавадарчани приватно зборуваат за загадувањето, јавно молчат

Денеска кавадарчани здивнаа по скоро месец дена загадување на воздухот.За разлика од вчера кога беа регистрирани 238 микгрограми на метар кубен ПМ 10 честички, мерната станица на министерството за животна средина и просторно планирање во Кавадарци денеска покажа 59 микрограми на метар кубен. Речиси еден месец воздухот во овој град е загаден со честички кои се опасни по здравјето на луѓето, а неколку пати повеќе го надминуваат дозволениот праг.

Од еколошкото друштво во градот посочија дека воздухот најммногу го загадуваат домаќинствата, индустријата и автомобилите. Иако во текот на целиот зимски период е така, не се преземени никакви превентивни мерки за заштита на здравјето на населението.

Иако на 15 овој месец од страна на Локалната самоуправа и градоначаникот во соработка со ЕД „Еко живот„ од Кавадарци и други субјекти, организираа јавна расправа за да се проговори за изворите за загадување на Кавадарци, да се расправа за промена на постојниот ЛЕАП со нов кој ке биде адекватен на приликите во оваа област, средбата не се одржа, поради слабата заинтересеираност.

Според еколозите,во сево ова изненадува фактот дека заинтересираноста на кавадарчани особено на социјалните мрежи, и приватните дебати е голема, но кога треба јавно да се проговори, и да се изнајде решение за проблемот, нема интерес. Тие апелираат да биде закажана средба за време на неработни денови заради поголема масовност.

Информациите говорат дека од вкупно 500 пациенти кои биле прегледани со новиот мамограф, кој во кавадаречката општа болница започна со работа на 21 септември лани,во шест случаи е потврдено малигно заболување, а дваесет и седум сомнителни случаи биле препратени на дополнителни испитувања. Ова за кавадарчани е алармантно,затоа што како што велат,загадениот воздух кој го дишат има свое влијание врз нивното здравје.

Од министерството за животна средина досега појаснуваа дека граѓаните не треба да ги вознемируваат моменталните податоци, бидејќи во текот на денот бројката варира.

Билјана Н. Тошевски