Каде е далечинското?

Пишува: Проф.д-р Катерина Тодороска

            „- Што прават студентите после завршувањето на испитите?

            – Пишуваат дипломска.“

Ова е еден од бисерите напишани во еден од „бројните“ трудови на „инспекторот“ за високо образование во Државниот просветен инспекторат во Министерството за образование и наука, Ѓорѓи Илиевски. Првото читање на тој „труд“ или „прирачник“ за студентите е само еден од показателите на „едуцираноста“ на инспекторот. Имајќи го предвид моето долгогодишно сериозно искуство со овој „инспектор“ со леснотија ви пренесувам мал дел од моите искуства.

За Ѓорѓи Илиевски, прв пат чув  во доцните деведесетти години од минатиот век, од некои мои пријатели од Дебар и Жупа кои тврдеа дека тој ќе доаѓа во Скопје како инспектор за образование. Никој од нив немаше добар збор за спомнатиот, а моето чувство дека сепак треба сама да создадам слика за било кој, па и за него, ме правеше скептик во однос на нивната оценка. Набрзо потоа, разбрав дека бил „згрижен“ во општината Кисела Вода, по што почна мојот интерес да видам со кого имаме работа. Од неговите „трудови“ особено се истакнуваа оние кои се однесуваа на предучилишното и основното образование, од типот на „сешто“. Колку за показател ви пренесувам неколку наслови: „Улогата на воспитувачот во развојот на креативните способности кај децата од предучилишна возраст“, „Преодот на учениците од одделенска во предметна настава истражување-испитување“, „ Причини за успехот и неуспехот на учениковото учење во една средина-долна дебарска Жупа 1993/94 година“ и др.

Ваквиот „опус“ на инспекторот и неговата професионална подготовка со ништо не наговестуваа дека Илиевски ќе се „вгнезди“ во Државниот просветен инспекторат, а уште помалку дека тој ќе биде инспектор за високо образование. Но, сериозниот партиски багаж во ДПМНЕ му го овозможи токму тоа. Илиевски стана еден од оние кои треба да ги оценува професорите на УКИМ и другите универзитети, да мудрува за состојбите во високото образование на ниво на државава. Притоа, неговите пропусти во секој од сегментите на високото образование предизвикуваа нескриено задоволство кај владејачите. Прогледувањето низ прсти на професорите кои „наградуваа“ студенти за „соодветна“ надокнада, за што имаше и јавни пријави од студенти, не беа доволен предизвик за Илиевски и дружината му, да излезат на терен и да санкционираат недозволени активности на одредени професори, прво на УКИМ, а потоа и секаде каде стапна нивна нога.

Тоа всушност беа „златните“ денови на делење на дипломи. Тогаш станаа „академски“ граѓани лица кои во нормални услови на високо образование само би можеле да ѕиркаат во амфитеатрите на факултетите. Но, тие „ѕиркачи“, ослободени од чувството на заработена диплома, ослободени од чувството на морал и достоинство станаа „робови“ на дотогаш неочекуваната и непозната можност да се „владее“ со држава. Им падна секирата во медот, а тоа беше во голема мера заслуга на „инспекторот“.

Но, спиралата на (не)образованите се ширеше со зачудувачка брзина, а нивната „сила“ стануваше се поголема, додека „инспекторот“ добиваше на „тежина“ сред своите сопартијци. Ваквиот револуционерен скок на бедата, беше проследен со бескрајно арогантно и недоветно однесување на сите врзани во процесот. Од државни, приватни и диви универзитети и факултети. А во целата таа бедна шема за уништување на државата приоритет имаше инспекцијата која требаше да ги открива незаконските дејствувања во институциите задолжени за високо образование. Секако, погодувате. Инспекцијата аминуваше секаква незаконитост, аминуваше работа на „акредитирани“ факултети/универзитети, иако секој од нас знаеше какви малверзации се прават со фалшиви пријави за професори на факултетите. Неретко се случуваше да се акредитираат факултети БЕЗ ниту еден доктор на науки, туку со „позајмени“ од други факултети. Тоа требаше да го санкционира, никој друг туку Илиевски и неговите колеги од Државниот просветен инспекторат.

Многупати пишувавме дека АКО САКАШ ДА УНИШТИШ ДРЖАВА, ТРЕБА ДА ГО УНИШТИШ ОБРАЗОВАНИЕТО. Сè она што беше направено во времето на ДПМНЕ, воедно и она што сакавме да се смени и да се санкционира од „новата“ власт, одеше во правец на доуништување на уништеното образование.

Во меѓувреме, „инспекторот“ по потреба, кога ќе беше употребено далечинското од некоја „моќна“ рака, почнуваше да ја бранува барата во високото образование. Тоа е онаа иста бара за чие создавање сесрдно помагаа колегите со полтронскиот однос кон ректорите, деканите и секако, инспекторите.

Веќе сум пишувала, ама повторувањето е мајка на знаењето, па ќе повторам.

Во времето груево, се дрзнав да негодувам за вработувањето на Стефан Мицов Влахов во Институтот за национална историја. Јас, никоја и ништо против моќниот груев миленик?! Откако не успеаја да ме убедат дека е морално Мицов Влахов да се вработи токму во нашиот институт, следуваше нова награда за дотичниот преку скокање на звање, а со тоа и зголемување на платата. Оти, нели го вознемирив миленикот, па да го смират пуленот. Следуваа години на „паунчење“ на миленикот, а сето тоа беше невидливо за инспекторите кои доаѓаа во ИНИ по порачка од директорите и нивната една и единствена, незаменлива менторка. Патем, голема и долгогодишна „другачка“ на инспекторите од ДИП. Како и да е, дојде време да се избира Мицов Влахов во ново, највисоко научно звање, за кое јас барав да бидам во Комисија. После мачно пречитување на сите бедотии истурени во т.н. книги на Мицов Влахов напишав негативна рецензија. Во текот на подготовките за пишување на рецензијата, ПИСМЕНО побарав од Државниот просветен инспекторат да дојде инспектор и да го погледнеме ЗАЕДНО досието на Стефан Мицов Влахов. Се разбира, ништо од тоа. Напротив. Еден ден кога ми се јавија од училиште дека малата моја кренала температура и кога кажав дека одам во училиште по детето, се „нацртал“ инспекторот и ме барал во канцелариите на колегите со забелешка: „Ете никаде ја нема“. Секако, за неговата „посета“ испратив писмо до тогашниот министер за образование и наука, Пиштар Љутвиу, анонимус тогаш, анонимус и сега. Епилогот беше ист, ништо. Тогаш далечинското за „активирање“ на „инспекторот“ беше кај Грујо, па нему никој ништо не му можеше.

Затоа пак, „инспекторот“ напиша писуле со кое го искара ИНИ и побара на Стефан Мицов Влахов да му се даде звање. А кога тоа негово писуле го „запечати“ и Комисијата за заштита од дискриминација, менторката и Британската кралица од ИНИ ликуваа до небо.

Тоа го поминавме. Ама, се појавија многу други епизоди. Една голема дилема кај мене се појави со објавувањето на неговите „трудови“ секогаш финансирани од Универитетот од Свети Николе, а за нивниот кавалитет нема да зборувам овде. Ќе кажам дека единствен сериозен труд на кој „инспекторот“ го ставил неговото име е „Дебар и Дебарско низ историјата“ објавен во 2018 год., за кој со загриженост разбрав дека е текст на еден покоен колега. Но, за тоа само ако се отвори истрага и ако семејството на колегата покрене судски спор.

Овде нема да пишувам низ што сè поминав во периодот додека во Државниот просветен инспекторат, во Министерството за образование и наука, во Министерството за правда, во Трудова инспекција, во Јавно обвинителство, во Ректорат ги објаснував криминалите во Институтот за национална историја.

Мојата историја со „инспекторот“ е толку богата што во овие редови е невозможно да се напише. Најтешко и најболно ми беше молчењето на колегите кои само во канцеларии и во нашите интерни бифиња по факултетите на УКИМ се мајтапеа со „Ѓоко пивце“, а јавно устите им беа залеани.

И да завршам. Има неколку работи кои Илиевски ги превидел во актуелниов момент. Тоа се следниве:

  1. Тој не е НАДЛЕЖЕН да кажува дали и кој направил плагијат. Не е негова работа да кажува дали некој станал ова или она со плагијат. Негова задача е да ја испита работата на Комисијата која му го дала звањето на кандидатот.
  2. Тој треба да ја познава областа од која е кандидатот кому му е дадена диплома/звање за да може да говори за плагијаторство. Но, неговите пишани „дела“ говорат дека не го знае ни она што го работи.
  3. Основната работа која треба да се преиспита во случајов е зошто инспекторот/инспекторите во текот на изминативе 10-тина години не видоа дека во Тетово се случува масовно делење, подарување, фалсификување или како сакате наречете го процесот на „образование“ на Тетовскиот универзитет. Секако, познавајќи голем дел од професорите на овој Универзитет, се срамам што моите пријатели ги мешаат со некои кои се на „лош глас“. Зошто порано не си ја завршиле работата како инспектори?
  4. Каде беше „инспекторот“ да провери каде и како дипломираа/магистрираа/докторираа некои од звучните имиња на ДПМНЕ? Треба ли да ги редам?

5. Мислам дека е неопходност да се направи ревизија на работата на „инспекторот“ за да можеме да одиме натаму со ревизијата на сите други небулози во високото образование премолчувани и аминувани од него и неговите колеги. Патем, се нафаќам да бидам член на некоја Комисија за таа цел.

Знам дека „инспекторот“ е паметен само кога молчи, ама проработи далечинското и морал да се активира. Овој пат останува нејасно, каде е далечинското?

П.С. Немојте да се мачите да ми лепите било каква врска со актуелниот министер за образование и наука оти одамна е јасно дека со ДУИ не сме на иста бранова должина.