Како најубаво да ги бојадисате велигденските јајца

Креативноста во бојадисувањето е секогаш лична инспирација , но понекогаш добро доаѓаат и неколку совети. Во очи денот кога се бојадисуваат првите велигденски јајца, еве неколку такви, кои веруваме добро ќе ви дојдат.

 

Кога Исус бил распнат на крстот, според некои преданија, од крвта што капела од неговите раце и нозе, камчињата се обоиле во црвено. Така, во спомен на тој ден луѓето ги бојадисуваат јајцата со црвена боја.

Бојадисувањето на велигденските јајца  претставува израз на Вашата имагинација и фантазија. Украсувањето е настан во кој умешноста го  одразува Вашиот вкус и естетика. Доколку нашите баби се снаоѓале и ги бојадисувале со коприва, лук и природни бои, бидете и Вие иновативни, во време кога на располагање Ви се достапни „илјада додатоци“. Но, ние сепак ќе се задржиме на рецептите на нашите баби и ќе Ви понудиме…

 МЕРМЕРНИ ВЕЛИГДЕНСКИ ЈАЈЦА

 Потребно е:

Количество јајца по Ваша желба, лушпи од неколку килограми кромид (пожелно е лушпите да бидат со светложолта боја), боја за јајца: виолетова, зелана и сина, неколку чифта најлон хулахопки (по можност потенки).

Лушпите од кромидот исечкајте ги со ножички на ситни парченца.

Хулакопките исечете ги на делови долги 4-5 прста и со конец врзете им го едниот крај. Во нив ставете ги лушпите од кромидот, а помеѓу лушпите сместете ги јајцата. Цврсто врзете го и другиот крај од хулахопките.

Боите за јајца (секоја боја во различен сад) ставете ги во вода. Откако ќе проврие водата, во неа ставете ги јајцата и варете ги 5-6 минути на тивок оган. Сварените јајца, вадете ги и ставајте ги на весник за да се упие водата. Кога ќе се изладат, извадете ги хулахопките, отстранети ги лушпите и наредете ги во чинија.

Вака вапсаните јајца добиваат навистина прекрасни шари кои наликуваат на мермер во различни бои и нијанси.

Не треба да се користат црвена и жолта боја, затоа што шарите тогаш добиваат бела боја.

Совети:

  1. Јајцата што ги бојадисувате не треба да бидат штотуку извадени од фрижидер, бидејќи лесно ќе испукаат при варењето.
  2. Секогаш во водата во која ги варите јајцата, ставете една лажица оцет и сол.
  3. Кога водата ке зоврие, ставете ја бојата, измешајте ја и полека спуштете ги јајцата.
  4. Откако ќе зовријат, јајцата треба да се варат најмногу 5-10 минути.
  5. Доколку сакате јајцата да имаат сјај, откако ке ги бојадисате, премачкајте ги со крпа натопена со зејтин.