Кандидатот за премиер на ДУИ Насер Зибери бара менување на државната химна

Кандидатот за премиер на ДУИ, Насер Зибери, пред Владата претстави дел од програмата. Во своето обраќање тој истакна дека неговиот план е непартиски и е добар за заедницата и за земјата.

Зибери претстави пет иницијативи, меѓу кои: имплементирање на  консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност. Ова значи дека 10-те стратешки државни институции ќе управуваат заеднички од еден Македонец и еден Албанец, со заеднички права за потпишување.

Понатаму, грижа за еднаква дистрибуција на јавните инвестиции, односно главните економски одлуки (буџет, инвестиции, даноци) од страна на владата да не можат да бидат донесени без поддршка од мнозинството членови на албанскиот кабинет.

Како трето, посочи дека ќе предложи  да има задолжителни часови по албански јазик во секое училиште, почнувајќи од 5-то одделение. Зибери предлага и 13 август, денот на потпишувањето на Охридскиот договор, да се прогласи за национален ден.

Како петта иницијатива, тој предлага мултиентничка химна. „Предлагам да се постигне консензус за химната на нашата земја, да се рефлектира оваа разновидност – затоа што овој симбол не треба да биде симбол на исклучивост и нееднаквост, туку на сеопфатност и еднаквост“, рече Зибери.

Како дел од заложбите, тој истакна дека државата треба да помогне и да обезбеди субвенции за сите оние кои сакаат да работат и да создадат работни места. Најави иницирање на политика за нула даноци, што значи: нула данок на добивка за три години за секој вработен за првпат под 35-годишна возраст; и нула даноци за компании за три години за секое самовработено лице под 35-годишна возраст.

Зибери се залага и за воведување флексибилно работно време во текот на неделата и половина работен ден во петок. Закон со кој се забрануваат казината и игрите на среќа во далечина од еден километар од училиштата, црквите и џамиите. Минимална плата од 600 евра за секоја медицинска сестра, наставник и учител. Измени во законот за образование и задолжително, како и обезбедување грант од 20.000 евра навреме за секој нов земјоделец под 35-годишна возраст.

„Ова не е изборна програма, не е збирка ветувања – има 25 конкретни иницијативи и чекори. Ова се моите приоритети за првите 100 дена од мандатот како премиер. Ова се мои ветувања до вас, граѓаните на земјата. Нема генерички фрази, нема политички пароли, без замоци од песок во воздухот. Но затоа има конкретни, искрени и достижни мерки што владата мора да ги преземе што е можно поскоро во областа на економското закрепнување, заштитата на работните места, образованието, развојот на инфраструктурата, правдата и еднаквоста“, рече Зибери.

Посочи дека Македонците не треба да ја гледаат еднаквоста како закана и никој не сака да земе ништо од нив – напротив, еднаквоста ќе им служи на сите и ќе ја придвижи земјата напред.

„Моето силно верување е дека она што е добро за Албанците во оваа земја е добро и за Македонците“, рече Зибери.

Извор:makfax.com.mk