КАРАКАМИШЕВСКИ КАМШИЦИ

 

Ние, во Македонија, толку многу сме поделени по сите основи, распарампарчани, што не може да не состави ниту нај јакиот супер лепак. Се мразиме и во зима  и во лето, и на пролет и во есен. Во зима-заради студот, замрзнатите тротоари и нерасчистени патишта, високите сметки за струја и дрва за огрев, загадениот воздух. Во лето затоа што е многу топло, едни отишле на одмор, други не можат, на пролет затоа што поленот ни предизвикува алергии, а сега и есента не тера да не се поднесуваме, заради појавата на неистражени  алергенси и предизвикувачи на кашлица. Но, најмногу од се, се мразиме заради политика и политичарите. И се разбира Сорос.

По жолтите комбиња, странски разузнавачки служби, амбасадори и други странски и домашни непријатели, ВМРО ДПМНЕ, поточно Никола Груевски и неговите пајташи од првиот ешалон го лоцираа конечно виновникот за сите нивни проблеми во нивната сакана Македонија. Таа никако не е и наша и немаме право да ја сакаме затоа што сакањето на Македонија оди заедно со сакањето на Груевски и неговите палавости. Ние секако  не сме патриоти како него и нив, затоа што  уредно си ги плаќаме давачките кон државата, казните кога ќе не казнат, со наши пари – точиме бензин, носиме наочари за сонце, одиме на летување, не крадеме, се обидуваме да не лажеме и да бидеме одговорни работници и родители. Исто така, се обидуваме да им ја избиеме од глава на нашите деца новокомпонирата мерна единица за успех-се снашол.

Тоа се снашол, во македонски услови значи-излажал, измамил, украл државни пари, проневерил, шверцувал, зел провизија, јадел, пиел и шетал на сметка на државата, инкасирал десетици илјади евра за патарини и бензин, добил наместен тендер, и останал нечепнат. И не само тоа-сака уште. Се снашол.

И така се снаоѓале десетина година, се додека еден ден не дојде Црвенкапа и го фати лошиот волк дека лаже. А богами и краде, и тоа многу. И дека има големи очи и заби,  и нос, кој секојдневно му растел на лошиот волк , како на Пинокио. И никој повеќе не му верува дека е добрата и мирна бабичка, која патем, волкот ја изел.

Бидејќи се живи фатени и веќе не можат да ги спасат ниту каракамишевските камшици, скапо преплатени каракамишевци во новинарството, државните институции, невладините и еснафски здруженија, бизнисот, излегуваат од контрола. Одлепуваат.

Најревносни камшиџии се тие од вториот ешалон , а најверни и исплашени, но и најмногу на удар тие од третиот ешалон што ги извршуваат највалканите работи, под секое човечко достоинство и тоа за ронки, ситни пари.

И токму тие Владарот наш, ќе ги менува. Третиот ешалон, граѓани кои за да си ги зачуваат работните места, егзистенцијата, добро, секако и верни партиски војници меѓу нив, најмногу згрешиле, вели ТОЈ. ТОЈ ќе ги менува.

Третоешалонците не му ги исполнија желбите за 63 пратеници за да не го уценува никој. И затоа ТОЈ ќе си бара нов народ.

Просто е неверојатно какo за него и за неговите пајташи од првиот ешалон не постои зборот-одговорност. ТОЈ никогаш за ништо не понесува одговорност. За него тој поим, тој збор не постои. Едноставно, не прифаќа одговорност, затоа што е суетен, бескомпромисен, к*не што би рекол нашиот народ. Безгрешниот не сака да одговара за своите постапки, за својата аздисаност и затоа каракамишевските камшици имаат задача да продолжат да не прават идиоти и да ни раскажуваат дека Разумниот компромис треба НЕМУ да му го доделува мандатот, се додека ТОЈ не состави Влада. Одвратно, надмено, дури ќе си дозволат камшиците да се потсмеваат со својот учител, па ќе го нарекуваат бард на правото во наводници, ќе му измислуваат поими како  Шкариќеви аргументи..ќе се подигруваат со својот учител.Срамно!

Но, најболно за ,,недопирливите” од Белиот дворец е што нивните султански прогласи не потресуваат веќе никого. Па, изненадени што не се слушнале пискотници од НВО до Сорос, ќе го реобјават Прогласот за –Десороизација на невладините и другите домашни предавници. Велат, народот одлучул. Народот од третиот ешалон што ТОЈ сака да го смени?! Тој ли народ одлучил?

Признавам, изморени сме веќе од неговите лудости. Доста бре веќе Груевски, Никола Груевски. Никогаш нема да биде како што беше. Ниту за тебе, ниту за нас. Ние, сега ќе мора да почнуваме од почеток. Вие, ќе мора да си одговарате за сите ваши злодела и аздислаци. Зарем мислиш дека е возможно после се што слушнавме за вас во бомбите, да не ги повторувам содржините кои се предмет на интерес на СЈО, да седнеш во премиерскиот кабинет и да си тераш власт како ништо да не било? Не ја бива таа.  И самиот знаеш. Можеш само да ја продолжиш агонијата, твоја и наша, но и ТИ знаеш дека ниту може , ниту ќе биде.

Затоа, ОДВАЖИ СЕ! Преземи одговорност. Барем еднаш во животот биди маж. Не се криј зад женски сукњи и каракамишевски камшици!

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА