Караџовски незаинтересиран за тајните фотографии од процесот ,,Тврдина”

Претседателот на Судски совет Зоран Караџовски вели дека не е нивна работа да истражуваат кој и како направил и дистрибуирал во јавноста фотографија од судскиот процес ,,Тврдина”, предмет на СЈО во кој Горан Грујовски е првоосомничен.

,,-До нас не е стигната никаква информација и тоа не е во делот на нашето работење. Доколку пристигне какво било известување согласно нашите надлежности би презеле соодветни дејствија, меѓутоа тоа е предмет на работа на други органи. Не е наша работа да истражуваме дали и како излегле тие снимки,, – изјави Караџовски по изборот на в.д. претседател.

 

Како што извести нашиот портал АКО.МК  на профил на извесна Билјана Костеска од Прилеп, завчера беше поставена фотографија од првото рочиште на судскиот процес ,,Тврдина” , кој е прв предмет оформен од Специјално јавно обвинителство влезен во судска процедура. За овој предмет првоосомничен е поранешниот началник на Петта управа Горан Грујовски и уште шестмина вработени во УБК.

biljana-pr

Фотографијата во меѓувреме е симната од профилот, па потоа беше сменето и името на носителот на ФБ профилот, а сега целосно е избришан. Но, како што  дознаваме СЈО е известено за овој сериозен инцидент, бидејќи најверојатно фотографијата е направена од интерниот систем на судот, кој не требало да биде вклучен за овој процес. Според неофицијални информации од Специјално јавно обвинителство, тие ќе побараат да се истражи кој го злоупотребил интерниот систем  во судот кој е наменет за снимање на судски процеси со заштитени сведоци, но не и за други процеси. Според наши информации, за да се направи ваква фотографија чиј агол укажува на тоа дека е симната од снимка направена од камерата што се наоѓа зад судечкиот судија, треба некој да  да го вклучи системот што се наоѓа во друга просторија и да го набљудува и снимањето и целиот судски процес.

На фотографијата до адвокатот Никола Додевски седи првообвинетиот Горан Грујовски, а се гледаат и обвинителката Ленче Ристовска, како и новинари што го следат процесот.

На барање на одбраната не беше дозволено снимање и фотографирање на почетокот на рочиштето, што значи исклучена е можноста на тој начин да е направена спорната фотографија. На новинарите на сите, не само на овој процес не им се дозволува користење на мобилни телефони.

Инаку, обвинетите се товарат за незаконско уништување на документација која беше клучен доказ во истрагата за откривање на начинот на кој УБК вршела прислушување.

Судскиот процес го води судијката Лидија Петровска , која се споменуваше во Бомбите што ги објави опозицијата, поради што СЈО барше нејзино изземање, но беше одбиено.

Профилот на Билјана Костеска од Прилеп е нетипичен и најверојатно станува збор за лажен профил.

 

15268046_1823396607915289_8671267011083781844_n15317890_1823396587915291_4454442929363844712_n15355681_1823396594581957_4428019360218733175_n

 

Портал-АКО.МК-актуелно-објективно