Касами: Тирана беше парада која се користи како алиби!

Лидерот на Беса Биљал Касами за ЦИВИЛ Медиа објаснува како е создадена контроверзната Платформа на Албанците, кому таа била потребна, кој ги пласирал фотографиите направени во Тирана и каков е неговиот став за политичката криза во Македонија. 

,, Ние сме свесни дека  сето ова, во што се наоѓа Македонија денес, е заради штитење на неколку личности од одговорност. И, кога примарна цел е како де се спасиш себеси, секогаш ќе наоѓаш оправдувања, за да можеш да мобилизираш одредени сили, за да ја постигнеш целта што ја имаш.

Декларацијата на албанските партии – поточно, не сите парламентарни албански партии ја поддржаа и ја потпишаа оваа декларација – се однесува на етничките потреби, или на колективните барања на Албанците во Македонија, барања што се насобрани како перманентни барања за овие 25 години на транзицијата на системот, од оној монистички, во демократски. И, навистина, да се употреби како алиби една декларација, со многу легитимни барања што се во рамките на Уставот на Македонија (и промените што се бараат со процедури кои се предвидени со Уставот и со законите на Македонија) – навистина не е чесно. Да се бара да се протестира против правата на сограѓаните со кои живееме, со кои мислиме да живееме во иднина, навистина е нечесно од тие политичари, кои се обидуваат да ги злоупотребат граѓаните за да ги заштитат нивните криминали.

Декларацијата е усогласена и подготвена тука во Скопје и објавена од седиштата на политичките партии – поддржувачки на декларацијата, тука во Скопје, на 7-ми јануари. Тоа во Тирана беше само едно, да речеме, барање од неколку политички лидери тука, коишто, иако ги сметаме за виновни, за ситуацијата во која се наоѓа Македонија, обидувајќи се да се исперат од корупција и злоупотреба на позицијата, се трудеа да најдат начини за, условно речено, да иницираат активности во кои ќе се фотографираме заедно. Значи, претседателот на Беса и претседателите на овие партии, за потоа, да ја направат нивната пропаганда дека еве, и тие се исти како нас, и дека нема потреба да барате нови политички алтернативи.

И, ние јавно сме се изјасниле дека виновници за состојбата, во која се наоѓа Македонија, колку што се ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер, толку е и раководството на Демократската унија за интеграција. И, сé додека тие не принесат веродостојни аргументи дека се на страната на решавањето на проблемот, а не на страната на продлабочување на кризата, ние не сме подготвени да прифатиме каква било иницијатива од нивна страна, затоа што сметаме дека сè уште работат за заштита на криминалците и корумпираните.

Затоа, Декларацијата или парадата што се случи во Тирана, беше некакво барање од политичките елити на кои им требаше една фотографија со претседателот или со движењето Беса, за потоа да ја злоупотребат. И, тоа се виде кога подоцна се искористи како алиби од претседателот на државата и од ВМРО–ДПМНЕ.

За да ја разјаснам ситуацијата: Движењето Беса не побара, да речеме, таква декларација, ниту побара да се оди во Тирана. Движењето Беса не ги објави фотографиите кои денес кружат и кои се сметаат како причина претседателот на државата да биде на страната на продлабочувањето на кризата.

Вие знаете дека, пред да се оди во Тирана, албанските политички партии имаа средба тука во Скопје, во „Александар Палас“. Од таа средба излезе една декларација за усогласување на ставовите. Потоа, и ние излеговме како Движење Беса со став, и кажавме: Секој став и секоја активност што ќе се преземе во интерес на барањата на Албанците на Македонија, ќе ја има поддршката на Движењето Беса, меѓутоа, не е потребно да се парадира на овој начин, не е потребно да се фотографираме, само за да ја измамиме јавноста. Но, се чини, ова му беше потребно некому и тоа се постигна, а денес го гледаме резултатот на еден таков ангажман, пред да се оцени содржината на декларацијата, чија содржина, ќе повторам, е со легитимни барања на Албанците во Македонија, за кои се бара остварување, врз основа на Уставот и според законите.

ЦИВИЛ Медиа: Покажувате со прст кон неколку елити, или една албанска политичка елита, која барала да се фотографирате во Тирана, затоа што не бевте сами таму?

КАСАМИ: Кон тие на кои најмногу им требаше една фотографија со Движењето Беса, како една нова политичка партија која навистина направи важни промени на политичката сцена на Албанците и им ја врати надежта на Албанците во Македонија дека е можно да постојат политички елити, за коишто влегувањето во политика не е пред сè за лични цели и интереси и за лично и семејно богатење, туку дека во нивен интерес се Албанците, интересот на граѓаните на Македонија…. На кои им требаше една таква фотографија,  потоа за да можат да ја оправдаат нивната корумпираност, јасно е кој бил на политичката сцена 10 години, кој владеел заедно со Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, знаеме кому му беше потребно такво легитимирање“-вели во интервју за Цивил медиа Биљал Касами претседател на Беса.

Целото интервју на ЦИВИЛ медиа