Катерина Николоска-џудист, олимпиец и тренер

  1. За почеток да ве претставиме на македонската јавност. Која е Катерина Николоска?

-Родена сум на  30.12.1990 година во Прилеп. Основно и средно образование имам завршено во родниот град. Потоа го продолжив своето школување на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје – Скопје.

Покрај другите мои достигнувања, кои се многу за набројување мислам дека за одбележување е фактот што сум прва македонска џудистка кoја ги бранеше боите на Македонија на Летните Олимписки Игри во Рио 2016 година.

Инаку јас сум носител на црн појас 1.ДАН во џудо, како и тренер по џудо, но и Аеробик инструктор.

2.Катерина, од кога почнавте да се занимавате со џудо?

– Почнав да тренирам во Прилеп во 2001 година. Поради здравствени причини се запишав на корективна гимнастика, но по инсистирање на тренерот, кој воедно тренираше и џудо, пробав да тренирам џудо. Интересните тренинзи, натпреварите, дружењето на тие натпревари, освојувањето медали, патувањето во соседните земји скоро па 2 пати месечно, направија да го засакам џудото..

Она што е интересно е дека јас сум тренирала по малку од сите спортови, но откако почнав со џудото чинам дека тој спорт се вклопи со мојот карактер и темперамент. На тој начин,  од една страна растев и созревав како личност и спортист, од друга следеше моја постојана надградба при што успесите се редеа молскавично.

При моето запишување на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје во Скопје, се префрлив во џудо клубот Миоки во Скопје.

  1. Каде и колку пати седмично тренирате? Што содржи еден џудо тренинг?

-Мојот интерес за вежбање џудо се повеќе и повеќе растеше откако се најдов сред членовите и раководството на џудо клубот Миоки. Таму, многу ме заинтригира нивната посветеност и нивната желба да се подготвуваат врвни спортисти. Епилог на таквата работа треба да бидат, пред се, освојувањата на медали на домашни натпревари и балкански првенства, учества на големи натпревари. и со можностите кои што ги имавме да се бориме да донесеме повеќе медали во витрините на клубот и како крајна цел норма за учество на Олимписки игри. Моментално сум во Сплит Хрватска, тука работам како тренер. Не ги запоставувам моите тренинзи и тренирам секој ден по 2 пати, освен во недела.

Како во секој друг спорт, така и во џудото има повеќе видови тренинг: технички, тактички, теоретски, тренинг за снага, издржливост, брзина координација, флексибилнот и тренинг за борби (“Randori, што значи ” слободна борба ” и се практикува во услови на вистински натпревар).

  1. Како што веќе спомнавме, Вие бевте единствениот претставник од џудо клубовите од Македонија на Летните Олимписки Игри во Рио 2016 година. Какво е чувството да се биде еден од светските олимпијци?

-Како единствен претстваник, прв џудист  од Македонија на овие олимписки игри, а се надевам не и последен, морам да кажам дека ми беше задоволство, голема чест и привилегија што ја претставував мојата земја на еден таков голем настан и едно такво големо натпреварување. Среќна сум што се исплатеше  долгогодишниот труд, години кои ги живеев само и само во духот на олимписките игри. Сепак морам да кажа дека ми беше жал и имам постојана доза на горчина во душата, бидејќи реално поддршка за овој мој настап добив  само од мојот клуб Миоки од Скопје и од Македонскиот Олимписки комитет. Нема да ја премолчам незаинтересиранота на Македонскиот џудо клуб за моето учество на овој светски спортски настан.

Чуството да си дел од светските олимпијци не се добива само со појавувањето на олимписките игри, туку неговото вистинско влијание врз поединецот се осознава после завршувањето на олимписките игри. Тоа чувство ме следи и денес, низ секојдневната макотрпна работа, која бара откажување од многу работи во животот. Подготовките за олимписки игри бара себевложување и посветеност во спортот, далеку од своите најблиски, додека фокусот и концентрацијата на учество на олимписките игри секој спортист го има како крајна цел. Целиот тој изминат пат на одработени тренинзи, промена на спаринг партнери од светски ранг на сите тренинг кампови, работата и комуникацијата со врвни светски тренери, физичката и психичката подготовка за секој од  турнирите  поединечно, на кои треба да го покажеш најдоброто од себе и да знаеш да носиш со самиот притисокот. Тоа те прави да бидеш дел светските олимпијци.  Но, она што морам да го подвлечам е фактот дека со учеството на Летните Олимписки Игри во Рио 2016 година се здобив со исклучително големо искуство, сознанија за работата на џудисти од други земји. Но, лично, тоа учество го сфатив и како голема обврска во однос на мое натамошно усовршување и вложување на напори за постигнување што е можно поголеми резултати и учество и на други светски натрпевари. Секако, и постигнувања на подобри резултати.

  1. Неодамна положивте и испит за џудо судија во Хрватска. Зошто токму Хрватска?

-Веќе 2 години тука живеам и работам како тренер во успешениот џудо клуб Пујанке во Сплит.

Во декември 2016 на семинарот за судии, на кој добив дозвола, како странски државјанин,  полагав за судија. Секако истото го сфатив како уште еден чекор за напредување во мојата кариера,. Предизвикот го прифатив, успешно и со доста квалитетна оцена го положив писмениот испит. Вториот дел од испитот беше практичен, бидејќи  сметам дека имам доволно искуство во судењето. После 2 месеца од писмениот дел го полагав и практичниот дел. Претседателот на судијската комисија Давор Маринич, но и другите членови беа задоволни од моето судење и без довумење бев известена за успешното полагање на испитот.

  1. Какви се шансите на џудото во Македонија?

-Многу време имам поминато и во Македонија и надвор од Македонија. Во Македонија научив колку е тешко сам да се бориш и да се снаоѓаш. Но, знам и тоа на кој начин и принципи  во светот функционираат другите спортисти-џудисти. Исто така, знам што се е потребно за да се создаде квалитетен спортист, еден спортист со реноме кој носи резултати. Задача на спортистот е само да тренира, а останатите услови треба му ги обезбедуваат задолжените лица.

Се досега работењето во џудото во Македонија е чист аматеризам.Тоа не е на ниво кое треба да биде за џудото да функционира според основните стандарди и да ги задоволи потребите на спортисрите чија работа е да носи резултати.

Според моите сознанија, имаме здрава нација и деца кои се желни да покажат резултати, некои успеале под многу тешки околности, некои во полесни. Но, секој со своја приказна. Спортските склоности на децата во Македонија е јасна и видлива, така што јас ја гледам државата како плодна почва за растење на многу сериозни и подготвени спортисти кои успеале во и вон државата. Многу од денеска квалитетните спортисти на Македонија што излегле надвор од нејзините граници и го привлекле вниманието на странските тренери ги слушнале нивните коментари, дека во нив постои потенцијал само доколку тој потенцијал се негува и одржува со квалитетна работа и во здрава околина. Една од причините поради која не се откажувам од остварувањето на мојата цел, беше токму тоа.

Мораме да одиме напред и да се усовршуваме. Пред се, да ги занемариме личните ситни интереси и суети и да работиме заедно да направиме подобра иднина и услови за македонското џудо, без кланови, без ограничување на луѓето кои се стручни. Накусо, спасот на македонското џудо е во излегувањето од тесните кругови врзани за интереси и ангажирање на стручните и квалитетни кадри во Македонската џудо федерација.

  1. Кои се вашите планови за личната иднина?

-Засега живеам во Хрватска, тука работам, тука планирам да се надградувам и да  собирам искуство. Од тука ќе ги следам натпреварите, но секако и натаму ќе ја претставувам Македонија, колку што ми дозволуваат можностите и условите.

Имам желба и ентузијазам за поголеми цели во натпреварувачката кариера, но сега е веќе прашање кој ќе ми подаде рака и ќе ми помогне во исполнувањето на условите за  потребите за еден спортист кој треба да живее, тренира, да ги остварува своите потреби за да може да биде максимално посветен во својата работа, за таа да вроди со уште поголеми резултати.

 

 

АКО.мк