Кате мило, од 6 цртка 6, за 2016-та

од проф.д-р Катерина Тодороска

Вчера, 6.11. 2016 год. пресно вратена од конференција во Улцин, ги преболував раните од маката што ја преживувам при секое враќање од средби со „чувени“ научници на кои не им паѓа на памет да стануваат академици. Тие се „чувени“ во своите полиња на работа и светот ги почитува како такви, притоа незатскриени зад некоја институција.

И така, јас медитирајќи го слушам недозволиво упорното ѕвонење на телефонот, се јавувам и од таму милозвучен глас:

– Кате мило, како си? Абре разбравме тогаш за Ѓоре, ама се немаме слушнато. Ај, Бог да го прости. – Ама некако не ми е познат гласов. Се составувам од првиот муабет. – У, Кате мило, па ние сме рода. А Љубе како е, шо праи?

– И неа си ја прости Господ пред две години. – Аман за аман шо ми кажуваш? Море како лета времево. И продолжува да објаснува некому, море Пецо и Љубе си отишла кај Ѓорета. Е, ај и незе, лесна нека и е земјата. Шубо задно си се.

Туку, ние сме си рода по Ѓорета, знајш ко си одевме на Дервен и на манастирче заедно? А јас барем 20-тина години не сум била на Дервен со моите, ама нејсе. – Кате мило ние стално ко че си на телевизија те гледаме. Си велиме, еве наше дете и да ти кажам, многу убо зборуваш. – Ај, јас пак да прашам, со кого зборувам? – Леле, Кате мило своештина сме, тетка сум ти, братучеда на Ѓорета. Туку, те гледаме овде пишана на листа кај комунистиве и си велиме, ај наше дете е, редно е да честитаме. – А на каква листа ме гледате? – Еве на ова, 6 цртка 6 за 2016-та.

Фала им на тие што претходно ме информираа дека се појавиле листите за пратеници на СДСМ, и дека во 6-ката имало некоја со исти име и презиме како моите.

– А да, некоја Катерина има, да, да. Ама не сум јас, друга е некоја. Јас не сум правела никаков муабет за било каква листа. – Е како? Продолжува тетка ми, како не си ти? – Не сум.

Гласот стивнува, а како во далечина се слуша „Море, Пецо не била таја. Џабе се јавував…“ и клик.

П.С. Кате мила од 6 цртка 6 за 2016 –та, имаш поздрав од тетка ми, жена на Пецо.

——————————————————————————————————————————-