Кирацовски ќе поднесе предлог-закон за незастарување на кривичните дела на функционерите

Пратеникот на СДСМ и поранешен генерален секретар на партијата, Александар Кирацовски, објави дека во Собрание ќе поднесе предлог-закон за незастарување на кривичните дела на функционерите:

,,Спасувањето на Никола Груевски од кривичен прогон во случајот „Траекторија“ е ситуација која не смее да се дозволи и да се испушти од вид, туку треба да се предвиди и превенира, особено ако се има во вид крајно корумпираното судство (со чесни исклучоци), подготвено да биде на услуга на екс политичкиот кадровик во судскиот систем.

Бегството во Унгарија и застарувањето на ова дело, (Траекторија), поради истекување на рокот од шест години, без правосилна пресуда, од јавноста се прочитани како спас на симболот на криминогеното политичко подземје за време на неговото владеење, Никола Груевски, луксуз кој не смееме да си го дозволиме ни сега ниту во иднина.

Токму затоа, како пратеник во Собранието на нашата Македонија, поднесувам Предлог Закон со кој кривичните дела сторени од избрани и именувани функционери нема да застаруваат.

Ќе побарам поддршка од сите 120 колеги пратеници да се приклучат кон ова законско решение и заедно во најбрз можен рок истото да биде изгласано и применето во позитивните законски прописи во државата’-објави Кирацовски на социјалните мрежи.