Коалиција за промени и правда му објави војна на криминалот

Со слоганот „Не се плашете, режимот ќе падне!” Коалиција за промени и правда-Трет блок предводена од Демократскиот сојуз, од Скопје од хотелот Континентал ја стартуваше изборната кампања.  Најавија демонтажа на режимот и на криминалот, а според лидерот на ДС, Павле Трајанов и носител на листата во ИЕ 1, партијата и нивните кадри, на дела го покажале патриотизмот уште во 90-тите години кога ги удриле темелите на државата. Од говорницата Трајанов „му објави војна на криминалот”.

– Ќе се справиме со мафијата! Им порачувам, ако и натаму ги држи „желбата” и алчноста за пари, имам решение за нив- ќе им отвориме бизнис центар во Идризово, таму ќе ги собереме сите нив, каде ќе можат следните дваесет години да “заработат” и да бидат пример за сите функционери ако го крадат народот каде ќе завршат – рече Трајанов.

 

Носителот на листата во ИЕ 4, Слободан Богоевски рече дека по првите демократски избори во Македонија во 1990 година, на сите други избори народот гласал од очај, казнувајќи ја едната или другата власт, за злоделата што ги правеше.

– На 11 декември 2016 година, народот ќе има можност за прв пат по 1990 година да гласа за народни пратеници, а не за поданици. Пратеничката листа на Коалицијата за промени и правда е од слободни луѓе од сите социјални слоеви, национална и верска припадност.  – рече Богоевски.

Носителката на изборната листа во ИЕ 3 м-р Весна Стоименовска порача дека ќе работи на враќање на редот во државата.

– Го бараме Вашиот глас, за да се случат промени и во Македонија да го донесеме она по кое младите ни трагаат надвор. Го бараме Вашиот глас за да го запреме иселувањето и оние кои заминале да не се колебаат да се вратат во својата татковина бидејќи животот кој го живеат таму ќе го имаат и тука – порача Стоименовска.

Лидерот на ФРОДЕМ и носител на коалициската листа во ИЕ 2- д-р Јове Кекеновски, изјави дека тие имаат јасни заложби и визија.

– Ние за разлика од останатите, Ви нудиме едуцирани, стручни и пред се чесни кандидати за пратеници. Значи не ви понудивме кандидати за пратеници на кои функцијата пратеник им е потребна за да после го дозавршуваат факултетот ,како на пример онаа не сам знајала, или пак од позиција на министер ќе магистрираат или докторираат – како онаа бивша министерка вплеткана во сите афери за да на крај да стане и таа жртва на своите во аферата со прислушкувањето на скоро 6000 личности – рече Кекеновски.

Коалицијата ветува дека ќе ги деблокира евро-атланските процеси и со гордост најавува дека Македонија под Уставното име, ќе биде полноправна членка и на НАТО и ЕУ.