Коалиција за промени: Не кандидирајте осомничени и обвинети!

Демократскиот сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС И МОРО-РП ги повикаа сите политички партии кои ќе учествуваат на изборите да не кандидираат обвинети и осомничени лица за кои се води истражна или предистражна постапка пред надлежните судови.

Од, како што ја нарекуваат, Коалицијата за промени и правда велат дека го уважуваат начелото на презумпција на невиност, но сепак сметаат дека на ваквите лица не треба да им се дава можност да се здобијат со пратенички имунитет со што би се оневозможила или би се успорила постапката која се води против нив.

Тие планираат своите листи на кандидати да ги објават на 9 ноември 2016 година

Крајно неодговорно е, според нив, понижување на граѓаните и покажување на мускули на лица од власта, носители на високи државни функции кои со одлука на Ѓорге Иванов беа по неколкупати аболицирани, сега да бидат носители или дел од кандидатите на листите за пратеници.

„Бегалци“ е култна драма во безброј чинови чии автори и режисери се криминализираните елити на партиите на власт која се одигрува и ќе се одигрува пред надлежните судови, СЈО и полицијата во сезоната 2016/2017. Ако „Бегалка“ на драмскиот писател Васил Иљоски ги претставува патријархалните и конзервативни односи во семејствата во Македонија во првата деценија на ХХ век, современата драма „Бегалци“ ги отсликува, бедата, немоќта, раскалашеноста, лагата, стравот, кукавичлукот и лажниот патриотизам на главните македонски политички актери во втората декада на XXI век. Бега Груевски од судот во процес во кој е сведок, а како ли ќе биде кога ќе почне постапката во која е обвинет? Бегаат Али Амети и Муса Џафери од судот во процес во кои тие се тужители! Бега од полицијата и од јавноста „мајчиното“ дете – министер! Избегаа странските служби со жолти комбиња од вокабуларот на лидерот на ДПМНЕ! Ги снема амбасадорите кои се мешале во внатрешните работи на државата! Го снема пишман давачот на аболицијата! Едноставно се удрило на бегање. Го чекаме времето односно денот кога пастирот ќе избега од стадото – истакнуваат од Коалицијата за промени и правда.