Ковачев: Најмалку 10 пратеници на ВМРО ДПМНЕ имаат бугарски пасоши, а гласаа против Договорот

Бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, на социјалните мрежи објави дека ќе предложи измени на законодавството со кое се овозможува стекнување бугарско државјанство, заради македонските иматели на бугарски пасоши кои не престануваат да сејат омраза против Бугарија. Открива дека десетина пратеници од ВМРО ДПМНЕ имаат бугарски пасоши , а сепак гласале против Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

Тој смета дека стотици илјади македонски граѓани се освестиле и почнале да си го враќаат своето бугарско потекло, но има и такви кои зеле бугарски пасоши само заради интерес:

,,Во последниве години, стотици илјади луѓе стекнаа бугарско државјанство врз основа на нивното бугарско потекло. Особено бројни меѓу нив, се нашите браќа од Македонија, кои и покрај 70-годишниот југословенски терор и перење на мозоци со секакви луди антички и асномски митови и легенди, се враќаат постепено кон бугарските корени.

За жал, кај оваа група има и опортунисти кои стекнуваат бугарски пасоши поради економски придобивки и слободата на патување и работа во ЕУ. Но најлошото е дека дел од нив не само што не се чувствуваат како Бугари, туку дури се меѓу најгласните во бесрамната омраза против Бугарија и бугарскиот народ. Таквите луѓе се меѓу македонската политичка и економска елита. Парадоксално е, на пример, дека само во сегашниот македонски парламент има над десет пратеници од ВМРО ДПМНЕ со бугарско државјанство кои, заедно со нивните семејства се самоидентификуваат како Бугари по потекло.

Истите пратеници минатата година гласаа против Договорот за пријателство со Бугарија, а некои и понатаму ги изразуваат своите антибугарски гледишта. Помалку има меѓу пратениците на СДСМ.

Бугари, брачни другари или деца на Бугари, браќа и сестри на Бугарите се насекаде. Сегашни и поранешни министри, кандидати за претседатели, поранешни директори на Државен архив, градоначалници, шефови на банки, бизнисмени, новинари, шефови на телевизии, весници и сајтови, дипломати, советници, општински советници, директори на служби … Нема ништо лошо со тоа што толку многу луѓе се свесни и се враќаат на нивните бугарски корени. Сигурен сум дека тие ќе бидат сѐ повеќе и повеќе во иднина. Меѓутоа, она што треба да се прекине е антибугарскиот говор и акции, особено на оние со бугарски пасоши.

Поради тоа, ќе предложам промени во законодавната база со која:

1.Оние кои добиле бугарско државјанство, но користат говор на омраза или вршат дејствија против Бугарија, да бидат јавно означени како иматели на бугарско државјанство.

2. Ако нивните постапки продолжат, нивното бугарско државјанство ќе биде одземено. Овие луѓе мора да изберат дали ќе бидат Бугари или ќе продолжат да живеат со југословенски и антибугарски митови и легенди“-пишува бугарскиот европратеник.