Ковертите пресудни за отфрлањето на 10 книги на ИЛИ-ИЛИ од Министерство за култура

Бројни се реакциите на незадоволство по објавувањето на резултатите за издавачка дејност на Министерството за Култура, но и на исте други одбиени проекти доставени за субвенционирање, како што се Скопскиот џез фестивал, Оффест и други, кои не можат да опстојат без финансиска помош од државата.

Реагираше Издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, чии книги се одбиени поради технички проблем со начинот на кој биле доставени проектите. Ковертите.


,,Не знам на кој начин ова писание да ви го направам интересно, слабо се снаоѓам со административни работи, а искрено и не ми е до забава.
Ова што се случи со Или-Или во програмата за оваа година е речиси исто со она што ни го направи Бети Канчевска Милевска пред две години. Не велам дека е намерно, но резултатот е тој.
Работава е, драги мои, во коверти. Да, во коверти. 
Од оваа година пријавата за секоја книга требало да се стави во посебна коверта, па таа да се стави во друга коверта и на неа да се напише адресата на министерството. Е ние, види неколку сме прости, пријавите за секоја книга посебно сме ги ставиле во посебни проѕирни папки, и сите заедно сме ги ставиле во една коверта, а истата сме ја ставиле во друга коверта. И така со таа коверта голема како телевизор отидовме во писарницата на министерството да ги предадеме 10-те пријави за 10-те книги. Со Игор Анѓелков, и самите несигурни околу новата пракса, си рековме дека доколку има проблем ќе купиме 20 коверти, ќе седнеме во некое кафеанче во Дебар мало и како мали деца ќе ставаме, ќе пишуваме, ќе подлизнуваме и ќе лепиме, колку и да изгледа смешно и сулудо. Но не испадна така, во писарницата ни го примија телевизорот без проблем, им кажавме дека внатре имаме 10 пријави, и тоа беше тоа. И да, не се работеше за последниот ден од конкурсот кога има редици, нервози и можни недоразбирања. Не.
И така, комисијата ни одобрува 9 книги, правната служба вели НЕ, тоа никако, не е законски, тие (Или-Или)се водат дека имаат само една пријава…и да не ве замарам. 
Имавме некои „ветувања“ дека ова ќе се реши но ете, ништо. Небитни работи, нели? Не отворале врати од Собрание па да им решаваме проблеми!
Им се извинувам, искрено им се извинувам, и Игор им се извинува, на сите наши прекрасни автори и преведувачи, на сите наши читатели, заради овој Апсурдистан во кој се заглавивме.
Најлесно е да се ослободиш од физичките огради“-реагираше Ненад Стевовиќ, од ИЛИ-ИЛИ.

За хаосот во годишната програма на Министерството за култура која беше објавена денеска, зборуваат бројните укинати музички манифестации, анонимни лица и фирми кои ќе добијат огромни средства од буџетот за култура на сметка на познати традиционални манифестации, како на пример „Таксират“, каде што буџетот е видно намален.

Реагираше и Авалон продукција.

Нивниот годишен проект насловен како „Авалон Колинг“ ( концерти од 01.01.2019 до 31.12.2019 година) којшто го понудиле да биде поддржан од страна на ресорното министерство, е одбиен.

,,Доволно е само да се погледнат рутите на турнеите на Lenny Kravitz, Sting и на Eros Ramazzotti и да се види дека Авалон Продуцкија наместо да ги одржи концертите во многу поголеми маркети какви што се Хрватска и Србија, го одбра Скопје. Исто како што проектот Ohrid Calling наместо да го префрлиме на море во Албанија, од петни жили се трудиме да го задржиме во Охрид.

Со сето ова, сакавме да дадеме реален придонес во годината во која на Македонија и` се отвораат евроатлантските перспективи во сегментот на работа во којшто сакале тоа да признаат другите или не, ние како независна продукција сме најквалитетни и најпотентни во целиот регион. А кога е ресорното министерство во прашање, бевме сигурни дека ќе биде препознаено дека со овие проекти не само што даваме огромен придонес на неверојатно ниското ниво на култура во Република Македонија, туку и дека за прв пат со вакви четири сериозно големи проекти сме апсолутни регионални лидери.

Не можам да кажам дека сум изненаден, туку едноставно сум шокиран како ова не е препознаено од Министерството за култура кое нема никаква друга работа, туку да препознава и да поддржува вакви идеи.

За останатите чекори коишто ќе ги превземеме, ќе бидете благовремено известени кога ние ќе добиеме официјално известување како тоа на Министерството за култура смета дека на државата не и` се потребни концертите на Sting, Lenny Kravitz, Hooverphonic, Eros Ramazzotti, Tom Odell, Горан Бреговиќ, Ohrid Calling итн“-се вели во реакцијата на Бобан Милошевски од Авалон..