Коклица

 

На почеток сакам да ви раскажам една вистинска случка.

Во деведесетите години од минатиот век, кога Македонија уште не беше самостојна држава, а Југославија престануваше да биде држава, туристичките агенции нудеа разни поволни аранжмани, а меѓу нив и едно дваесетдневно патешествие со брод по Дњепар. За малку пари и со многу ентузијазам, тргнавме на пат едно поголемо друштво, саде тазе завршени новинари.

Нема да ви раскажувам за трите дена ,,јавање”  со автобус до Украина, соочувањето со неверојатна сиромаштија таму, туку за начинот на кој секое утро точно во 4 не будеа на бродот кој не носеше кон Црното море и Одеса преку пет километри широкиот Дњепар.

На разгласот што го имаше во секоја бродска кабина и низ ходниците, во 4.00 рано наутро, почнуваше гласна револуционерна музика, која буквално не вадеше од ум, посебно што во тоа време вообичаено потонувавме во првиот сон, сладок како мед по пелинот што го носевме во уста од вкусот на евтината вотка и руско шампањско.

Ококорени во очите и распаметени се втурнувавме кон звучниците на кои имаше копчиња, но кога ќе го свртевме копчето мислејќи дека сме ја исклучиле патриотската хорска комунистичка песна, започнуваше некаков говор во кој машки глас драматично раскажуваше за ,,успесите” на Советски Сојуз. Лево- револуционерни песни, десно- револуционерни говори.

Помина тоа и утрото собрани на повеќе од скромниот појадок дури осознававме дека само за неколку рубљи лично капетанот ќе ви достави и кавијар, а не само пржени јајца, се прашувавме меѓу себе дали и во нивните кабини имало разглас. Заклучивме дека во целиот брод сите туристи се соочиле со истиот проблем.

Следното утро, сега веќе лути и нервозни го баравме капетанот да се жалиме дека од разгласот не можеме да спиеме. Многу подоцна од нас ни се приклучија двајца колеги , веќе на ручекот , ќе се препознаат ако го читаат ова, свежи, одморени, наспани и расположени. Како?!- прашавме.

Едноставно, -рече едниот од нив. Станав, ја зедов троножната коклица и со едната ногарка го издупчив звучникот. Може да претпоставите што следуваше понатаму. Патриотското будење беше замолкнато.

Некој да ми кажуваше дека после дваесет и повеќе години по падот на комунизмот, низ центарот на Скопје, моралот и расположението кај народот ќе го креваат со патриотска или нека биде само македонска музика, ќе речев дека е луд.

Очи полни скаменети херои и јунаци, уши- Македонија цела да е.

Немир и чувство на непријатност , враќање во еден дел од  минатото, предизвикува повикот упатен кон браќата и сестрите преку разгласот под балконот, кој нели е дивоградба и требаше да биде урнат. Како некој да ве ставил во временска машина и да ве вратил назад низ времето.

Не знам зошто, но прво на што помислив кога ја видов оваа белодворјанска идилична слика, каде треба деца да трчкаат, мајките да се кикотат, а татковците да купуваат сладолед, беше украинската коклица на советскиот речен брод ,,Русија”.

Туку, не знам дали овде ќе заврши работа само една коклица…..