Колегите се простуваат од Данчо Чеврески

,,Чевре🖤
мојот професор,колега и другар🖤почивај во мир“-се прости Весна Петрушевска на социјалните мрежи од актерот Данчо Чеврески.

На 69 години вчера во Скопје, по долго и тешко боледување, почина Данчо Чеврески, македонски театарски и филмски актер и продуцент.

Чеврески е роден на 17 мај 1951 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје на отсекот за драмски актери, а специјализирал на УКЛА во Лос Анџелес.

Тој е еден е од основачите на приватното претпријатие за производство на филмови ТРИАНГЛ, а работеше и како професор на ФДУ во Скопје и беше декан на Факултетот.

Глумеше во повеќе југословенски и македонски филмови, меѓу кои „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Џипски меџик“, „Панкот не е мртов“, „Ова не е американски филм“, „Деца на сонцето“…

,,Со искрено жалење ја примив веста за смртта на истакнатиот театарски, филмски и телевизиски актер и продуцент, Данчо Чеврески, чии уметнички остварувања оставија важен и траен белег во театарот и македонската кинематографија.

Данчо, ќе остане запаметен по својата богата и плодна филмска и театарска кариера, за која говорат и многубројните награди, а како последен сведок е и минатогодишната „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот и на телевизијата.

Своето големото наследство од знаење тој со страст им го пренесуваше на своите студенти од Факултетот за драмски уметности, и ревносно и со љубов ги внесуваше во тајните на актерската игра пред камерите.Од свое лично име, и од име на членовите на Владата, до семејството Чеврески и до сите негови блиски и пријатели, упатувам изрази на длабоко сочувство за нивната загуба во знак на сеќавање и вечен спомен на Данчо“-напиша премиерот 3оран 3аев.