Колегиум на МТВ тврди дека тв екипа била исплукана на митинг на СДСМ

Колегиумот на МТВ објави соопштение во кое тврди дека телевизиска екипа на информативната програма била исплукана на митингот на СДСМ во Тетово, а во Аеродром било плукано возилото на МТВ.
Притоа во дел од соопштението ,, ја потсетуваат јавноста дека Информативната програма на МТВ1 во овој период е предводена од уредник предложен од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија,,.

„Во врска со соопштението на МРТ, СДСМ го соопштува следното:

Не знаеме дали и што се случило, но ставот на СДСМ е познат на јавноста.

СДСМ осудува секакво насилство кон кој било медиум или кој било граѓанин на Македонија”-се вели во кусиот одговор од СДСМ.

 Соопштение на МТВ

Напоменуваме дека во неколку наврати, од почетокот на кампањата, екипите на МТВ, на митинзите организирани од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на кои нашите новинари и сниматели се изложени на вербални притисоци и недолични провокации, се оневозможени да ја извршуваат професионално својата работа.

Македонската радио-телевизија ја информира јавноста дека на 24 ноември 2016 година, екипата на Информативната програма на МТВ1, која го следеше митингот на СДСМ во Тетово, беше исплукана и вербално нападната од припадници и симпатизери на СДСМ. Напоменуваме дека во неколку наврати, од почетокот на кампањата, екипите на МТВ, на митинзите организирани од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на кои нашите новинари и сниматели се изложени на вербални притисоци и недолични провокации, се оневозможени да ја извршуваат професионално својата работа. Ја информираме јавноста дека на митингот на истата партија во општина Аеродром беше исплукано и возилото на МТВ.

Бараме политичките партии, пред се, Социјалдемократскиот сојуз, да ги осудат ваквите недолични провокации на своите партиски припадници и да се извинат за сторените постапки на своите активисти, и да обезбедат нормални услови за професионално работење на новинарските екипи. Во период кога токму СДСМ се залага за професионализација на медиумскиот сектор, бараме од истата партија и од нејзините членови и симпатизери да се однесуваат коректно кон Јавниот сервис, пред се, кон репортерските екипи. Ја потсетуваме јавноста дека Информативната програма на МТВ1 во овој период е предводена од уредник предложен од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Бараме двете најголеми новинарски здруженија во Р Македонија, ЗНМ и МАН, како и меѓународните претставници, амбасадите, во Република Македонија да ги осудат ваквите недолични однесувања на партиските активисти и да се заложат кај политичките партии да овозможат нормално и коректно работење на новинарите и на снимателите. Ако ние, медиумите, бевме тие што беа обвинети во изминатиов период  за „непрофесионално и неетичко работење”, и бевме потсетувани дека мораме да се придржуваме кон  Кодексите и Прирачниците за професионално и етичко работење, следствено, бараме од политичките субјекти, во конкретниов случај, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, да апелира до своето партиско членство, во најмала рака, да се однесува цивилизирано и човечки спрема новинарските екипи. Искрено се надеваме дека ваквите провокации нема да продолжат во иднина.