Колку чинат нашите животи за владетелите ни?

Почнувам со срамното изигрување кое македонското Министерство за внатрешни работи на РМ ѝ го приреди на Амбасадата на САД, после кое следуваше предупредување за американските граѓани во Македонија да не се движат во близина на зградата на „Илинденска“. Амбасадата на САД постапувајќи по известувањето, професионално си ги извести своите граѓани во РМ за „претпоставената“ опасност. НО. Нам, како на македонски државјани ниту некој ни кажа, ниту некој ни се обрати со соопштение за можна опасност во областа околу нашата, македонската, Влада.

Бројни прашања ми се роеја во главава. Дали ваква информација имале и Амбасадите на другите држави во Македонија? Зошто МВР со толку ЉУБОВ се однесува кон американските граѓани во РМ? Дали ова беше информација по порачка, во стилот на владетеливе ни, еве ние преку МВР можеме да си играме мајтап со кого сакаме и кога сакаме? Но, најмногу од сè ме заболе прашањето КОЛКУ ЧИНИ животот на жителите на Македонија, оние од чии пари владетеливе ни, БОГАТО живеат?

Ова што подолу ќе го пишувам не се однесува на оние лица кои навистина се потрудија образованието да им биде животен предизвик и начин за зголемување на личните интелектуални капацитети. Нагласувам, за таквите лица имам особен почит.

Со оглед на моето искуство последниве години со бројни институции под директна контрола на владетеливе нѝ, собрав бројна документација за целосната контролираност на истите. Но, кон ова ќе ја додадам и неспособноста на луѓето кои се примаат на работни места за кои немаат основно познавање, благодарение на КУПЕНИТЕ дипломи и незаменливата, КНИШКА за членство во ДПМНЕ. Со таквиот наплив на некадарни, кадарниот кадар во институциите или се нагрбува со дополнителни обврски или се потценува и маргинализира. Со тоа се намали и цената на нивниот живот во очите на властите ни. Тие се оние кои властите ни можат да ги користат по потреба. Како предмети.

Срамот кој го дозволивме последниве 10-тина години со расфрлање со оценки, со исмејување на професорите кои бараа основно знаење, со монтирањето на процеси против професори кои не пишуваа оценки „по мерка“ нè доведе до реализирање на програмата на ДПМНЕ за уништување на образованието во државава, почнувајќи од УКИМ. Имајќи го Велимирчо за ректор тоа ни од далеку не им беше тешко. Ако кон ова се додаде и „спасувачката мисија“ на владетелите нѝ со можноста на возрасните лица да си го „дооформуваат образованието“ на печурките-факултети во Македонија, значително се зголеми бројот на сигурни гласачи за поддршка на владетелите нѝ. Со тоа се намали и цената и на нивниот живот во очите на властите ни. И тие се оние кои властите ни можат да ги користат по потреба. Како предмети.

Резултатот на овие „реформи во високото образование“ во РМ, е печатење на дипломи за креирање на неписмен наставнички и професорски кадар за основните и средните училишта. Со тоа се намали цената и на нивниот живот во очите на властите ни. И тие беа оние кои властите ни можат да ги користат по потреба. Како предмети.

А со тоа, се ѕида и бедемот на властите ни со вработени без никакви квалитети по државните институции по два принципа: Првиот, нишај врата, земај плата; вториот, дома седи, пари реди. Со тоа се намали цената и на нивниот живот во очите на властите ни. И тие беа оние кои властите ни можат да ги користат по потреба. Како предмети.

Така, успешно владетелите ни успеаја во намерата образованието да го достигне дното. Секако со помош на неколкумина озаконети вртимушки со професорски плати. Истите тие кои до некни сесрдно ги величаа властите ни, дниве заедно со достојните на професијата, се потпишаа на Проглас на македонските писатели против политиката на државна дискриминација. Повод, еден и единствен, Годишната програма за остварување проекти од национален интерес за 2017 година, или срамот на Министерството за култура на РМ. Иако и минатите години ваквиот документ БЕШЕ СРАМ за македонските автори, професори, научници, на многумина од сега потпишаните тоа не им пречеше. Причините си ги знаат сами.

За оваа програма имаше многу реакции од кои, мислам дека, најсоодветна беше на колегата Небојша Вилиќ. И ако кон неа, се додадат и реакциите кои ги чувме по телевизиите редно беше да се огласи г-жа Бетка со некое извинување, некое разумно компромисно објаснување, со нешто веома врло сериозно. Но, фактот што за владетелите ни нашето достоинство, па и нашите животи имаат употребливост само на избори останавме со бедното објаснување од Министерството за култура на РМ. Процедурата била законска. Ова веќе не е ниту комично, ниту трагично. Ова е понижувачко. Секако не и за овие кои сесрдно се помагаа изминативе 10 години, кои сите ги знаеме. Од издавачи, до автори. Со тоа се намали и нивната цена во очите на властите ни. И тие се оние кои владетелите ни можат да ги користат по потреба. Како предмети.

И така, прашањето од почетокот пак ми го нагризува желудникот.

Колку чинат нашите животи за владетеливе нѝ?

И овде мислам на сите нас. И на оние кои се слинават на постојниве „авторитети“ кои од утре можеби нема да бидат тоа, а слините ќе ги насочат кон другите. И на оние кои без никакво достоинство можеш да ги преброиш по список и да ги натовариш во сточен воз за потребите на властите ни. И на оние кои донкихотски се измачуваат да докажат дека лицето на човекот треба да биде од кожа, а не од ѓон.

П.С. Доколку досега не ви се смачило, верувам дека после овој текст ќе ви се снеможи од владетелите ни.

проф.д-р Катерина Тодороска

АКО.мк