Конгресменот Рохрабакер се извини за изјавите за поделба на Македонија

Американскиот конгресмен Дејна Рохрабакер, на својата официјална страница се извини за искажаните ставови околу неодржливоста на македонската држава и нејзина поделба во интервју за албанска телевизија. Во неговата изјава се вели:

,,На крајот на едно неодамнешно интервју, направив многубројни неформални искази за Република Македонија. Неодамна согледав дека некои од тие искази погрешно ја пренеле мојата намера. Оваа изјава ја појаснува мојата позиција.

Македонија е легитимна држава со право на самоопределување и почитување на границите. Мојот коментар алудираше, можеби погрешно, на мојата загриженост кон предизвиците во внатрешното владеење со кои Македонија се соочува во врска со етничките малцинства.

Јас во никој случај не сакав да кажам дека некој друг, освен Македонците треба да го утврдат суверенитетот или границите на Македонија. Ако моите зборови беа сфатени на друг начин, јас длабоко се извинувам.

Сакам да оддадам почит и да аплаудирам за позитивниот однос кој САД го има со Македонија. Македонија е вистински пријател на САД. Ова е особено видливо во значајната поддршка што македонската армија ја дава во текот на изминатите 20 години на САД, на НАТО, како и на придружните мултилатералните организации за одбрана, на мировните операции и операциите поврзани со бегалците во Авганистан, Ирак, Босна и Косово.

Имав можност да сретнам многу Американци и Македонци кои споделија со мене многу корисни историски факти и информации за Македонија и регионот, како и за неговата сегашна динамика . Со нетрпение очекувам заедничка соработка во иднина и што е најважно, заедно, континуирано, да даваме се од себе за да помогнеме во формирањето на надворешната политика на САД, која ќе  резултира со мирен, просперитетен и слободен Балкан“-се вели во изјавата со извинување кон Македонија од страна на конгресменот Рохрабакер.